По долга пауза, започна снимањето на втората сезона на серијата „Утринското шоу“ (The Morning Show) во продукција на стриминг-сервисот „Епл ТВ-плус“.
А, Џенифер Анистон и Рис Витерспун изгледаа подготвени за камера. Актерките беа забележани за време на снимање нови сцени за возбудливата драма во Лос Анџелес во вторникот.
Анистон (51) носи сив костим со здолниште со длабок шлиц, додека влегува во ликот на ТВ-водителката Алекс Леви.
Дејството во серијата ја следи екипата на популарна утринска програма на чело со Мич Кеслер (Стив Карел), кој останува без работа по скандалот во кој се нашол. Водителката Алекс Леви (Џенифер Анистон) се обидува да продолжи без него, но наидува на нетрпеливост од страна на шефот. Тогаш во игра влегува репортерката Бредли Џексон (Рис Витерспун), која се обидува да ѝ го украде работното место.
Џенифер и Рис пред 20 години глумеа сестри во популарната серија „Пријатели“, но сега се ривалки во проектот на „Епл ТВ“.