Претседателот Џафери се сретна со Летиција Сен Пол, потпретседателка на Националното собрание на Република Франција, која учествува на Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ во име на претседателот Ришар Феран, како земја актуелен претседавач со Советот на Европската унија.
Претседателот Џафери упати искрена благодарност за поддршката на Француската Република особено во изминатите години, вклучително и на парламентарно ниво и активните заложби на пратениците од Националното собрание и Сенатот за евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија. Тој ја поздрави одлуката за одржување на Конференција за Западен Балкан во јуни оваа година, како добра можност на земјите членки за директна комуникација и дијалог и размена на мислења околу актуелните случувања со земјите од регионот. Во однос на нашите две стратешки определби утврдени по нашето осамостојување, членството во НАТО е денес наша реалност и нашите единици активно учествуваат во мисиите на Алијансата и на Европската унија, а во очекување сме и на добивање датум за преговори за членство во ЕУ, истакна претседателот Џафери. Тој апелираше за што поскоро отворање на преговорите за членство со Република Северна Македонија и Република Албанија, заради одржување на јавната поддршка и за спречување на надворешни влијанија кои можат да му наштетат на процесот.
Потпретседателката Сен Пол ја поздрави активната соработка на парламентарно ниво, особено залагањата на пратеничката Лилијана Танги за унапредување на билатералните односи и споделувањето на француските искуства за европските прашања. Таа изрази особено задоволство за усогласеноста на Република Северна Македонија со позициите на Европската унија, особено за Украина и споделувањето на заедничките европски вредности од страна на нејзините граѓани. Потпретседателката Сен Пол покажа особен интерес за нашиот став околу новата методологија за преговори, актуелните случувања со Република Бугарија и нашите очекувања од конференцијата на Западен Балкан во јуни оваа година, со оптимизам за понатамошно унапредување на взаемната соработка меѓу двете држави и процесот на европска интеграција.