Волонтерите собрани околу идејата за изработка на 3Д медицинска заштитна опрема денес најавија дека почнуваат со индустриско производство на заштитните визири и дека планираат да изработат 35 илјади парчиња за заштита не само на сите здравствени работници во државата туку и на другите изложени припадници на јавните сервиси, пред се на МВР и на АРМ.
Откако минатата недела замолија луѓето да прекинат со давање донации, денес во Фејсбук групата повторно беше објавен повик за донации бидејќи се решени со заштитни визири, кои претходно ги изработуваа и ги донираа на лекарите, да опфатат и други категории на лица кои се директно изложени на контакти и со тоа подложни на инфицирање со корона вирусот.
Идејата е, како и досега, бесплатно да бидат доделени заштитни маски-визири секаде онаму каде што се потребни.
„Ќе го покриеме со визири цело МВР. Ние не си ги оставаме на цедило нашите заштитници!“, се вели во една од објавите на групата „3Д принт медицинска опрема“.
Калапот за заштитните маски е веќе изработен и тестиран, а, освен за производството што треба да ги задоволи домашните потреби, овие хуманисти планираат да го стават на користење и на останатите земји во регионов.
„Ако до сега изработувавме околу 1.000 визири дневно, со машинското производство ќе постигнеме бројка од 4.000 дневно“, најавуваат тие.
„Крајна цел ни е да произведеме околу 35.000 заштитни визири за нашата држава, со што ќе ги задоволиме овие потреби за многу кратко време“, информираше во објава на Фејсбук страницата на групата д-р Ненад Лазаров, администратор на Фејбук групата.
Тој, заедно со колегите Александар Каревски кој, покрај лекарската професија се занимава приватно и со 3Д принтинг и Бојан Трајковски изминативе три недели се ангажираа на изработка и дистрибуција и бесплатно преку 7.000 ваква заштитна опрема на медицинските работници, најизложени на вирусот.
Првичната идеја беше со ваква заштита да се покријат сите здравствени работници во земјата, но праксата покажа дека визирите, кои, според согледувањата на светско ниво, нудат заштита и до 98-99% од корона-вирусот, им се потребни и на другите професии кои доаѓаат во контакт со заболени или потенцијално заболени лица. Потоа бројката амбициозно ја зголемија на 20 илјади, за сега да се покаже дека реалните потреби за јавните служби се поголеми.
„Овој пат ни е потребна нешто посериозна сума, па затоа овој повик ќе го оставиме отворен, секоја сума која ќе остане по реализација на визирите, ќе биде употребена за донирање на останата заштитна опрема како заштитни маски, ракавици и слично, додаде д-р Лазаров.
Целиот волонтерски проект на овие млади луѓе се финансира исклучиво од донации, а тие самите се ангажираат за набавката, изработката и дистрибуцијата непречено да се одвиваат од Скопје, Куманово, Струмица, Охрид и Битола кон сите медицински работници на целата територија на Македонија. Според нив, не е фер да се заработува на она што значи заштита која спасува животи во услови на епидемија.
„Минатата недела бевме соочени со недостиг на основниот материјал за изработка на проѕирниот дел на визирот – вералитот, но успеавме да го нарачаме од Белрад и најдоцна до среда би требало да го добиеме, по што ќе следи забрзано производство“, вели Бојан Трајковски.
Овие хумани лекари-волонтери изминативе денови беа ангажирани на создавање на мрежа на печатници во 3Д техника низ целата земја, кои ги опслужуваат локалните медицински установи, а централниот штаб, како што во шега велат им е во Скопје од каде опслужуваат уште 16 населени места. Трајковски додава дека успешно соработуваат со Министерството за здравство и со Владата, кои треба да помогнат во дистрибуција на визирите до јавните служби кога тие ќе бидат изработени.
Донациите за изработка на заштитни визири за најизложените јавни служби можат да се упатат на следнава сметка: АСМЛ Скопје
Сметка: 320100024402679
Централна кооперативна банка
Даночен број: 4032014526408