„Данела Арсовска го поништи огласот со кој требаше да се вработат нови 20 пожарникари во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Овој однос на деструктивната Арсовска е против интересите на граѓаните на Град Скопје и на штета на Бригадата за противпожарна заштита”, изјави на денешната прес конференција Љубица Јанчева, координатор на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Според Јанчева и покрај очигледниот недостиг од пожарникари во Град Скопје, Арсовска поради лични каприци поништува јавен оглас кој бил на крајот од процедурите и со кој требало да се вработат 20 нови пожарникари.
„Во изминатите четири години Град Скопје, раководен од Петре Шилегов и СДСМ, сериозно инвестираше во унапредување на условите за работа на пожарникарите.
Платата на пожарникарите се покачи за 20 отсто, а се инвестираше во нова современа опрема за поголема заштита и поефикасна работа на пожарникарите.” изјави Јанчева.
Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје наведе дека со ваквиот однос Арсовска дејствува опасно кон Бригадата за противпожарна заштита и ја загрозува општата безбедност во Градот.