Намалувањето на вонредните мерки, ќе им овозможи на луѓето да продолжат со активности коишто ги извршуваа и претходно, а со тоа ќе почне и почесто да се користи и јавниот превоз.
Досега, меѓуградскиот сообраќај сè уште е во прекин, додека пак, меѓуопштинскиот сообраќај е регулиран според уредба на Владата со која е предвидено возилата да бидат исполнети со 50% од вкупниот капацитет на возилото за превоз на патници. Воедно, уредбата наложува во секое возило да има задолжено лице кое го регулира влезот и излезот на патници, со цел да го одржува оптималниот број.
Од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП – Скопје) пак, велат дека се разработува план на кој начин ќе се реализира одвивањето на јавниот превоз во однос на одржување социјална дистанца, пред сѐ, начин на регулација на патници во возилата. Оттаму посочуваат дека веќе се разгледуваат идеи и искуства кои се применуваат во земјите во регионот и пошироко, а би биле приближно соодветни и применливи кај нас.
„Допрва ќе се утврди дали тие ќе бидат во форма на обележување со боја, поставување/лепење соодветни ленти, некој тип физички препреки. Но, извесно е дека тие ќе треба да бидат применливи кога ќе настапи значително олабавување на рестриктивните мерки за движење на граѓаните, кои веројатно ќе условат и враќање на вообичаениот режим на функционирање на јавниот превоз“ – изјави за „Мета.мк“ Деспина Трајковска – Димова од ЈСП.
Од воведувањето на полицискиот час, автобусите на ЈСП и приватните превозници сообраќаа по саботен возен ред и во две смени во текот на денот, од 5 до 9 часот и од 13 до 19 часот. Од денеска (18 мај) автобускиот јавен превоз во Скопје функционира непрекинато во периодот од 5 до 19 часот. Но, иако е укинат двозменскиот режим, сепак автобусите на ЈСП и на приватните превозници ќе сообраќаат по саботен возен ред. Исклучок ќе бидат градските линии 9, 19, 20 и 23, кои ќе возат по редуциран делничен возен ред.
Бесплатните средношколски и студентски билети, како и бесплатниот превоз за возрасни лица во вторник, петок, сабота и недела и понатаму не важат. Сè уште се укинати и трите автобуски линии (25, 25А и 25Б) што сообраќаат до Средно Водно, туристичката линија „Сити тур“, а не работи и Жичарницата на Водно.
ЈСП-Скопје апелира на рационално користење на јавниот превоз и задолжително носење на заштитна опрема при користење на превозот согласно уредбите за заштита од Ковид-19.