Утрински Весник
Македонија

ЈП „Национални шуми“: Нема сеча на шума кај водопадот во Длабочица, МВР ќе утврди кој и зошто ангажирал градежна машина

Демант од ЈП „Национални шуми“ на изјавата на дополнителниот-заменик министер во МЗШВ Цветан Трипуновски

Скопје, 26 јуни 2020 (МИА) – Нема сеча на шума кај водопадот во Длабочица, МВР ќе утврди кој и зошто ангажирал градежна машина, соопшти денеска ЈП „Национални шуми“.

Претрпијатието во демант испратен до медиумите информира дека Државниот инспекторат за шумарство и ловство, како и вработени во ПШС „Куманово” по вчерашна пријава на случајот, извршиле увид на терен при што констатирале дека е работено со градежна машина само на крак кај водопадот и во водотекот.

-Градежната машина со која е работено не е во сопственост на ЈП „Национални шуми“, а кој ја ангажирал и зошто ја ангажирал оваа градежна машина ќе утврдат надлежните институции од МВР, наведува  ЈП „Национални шуми“.

Освен што демантира дека има каква било сеча на овој потег,  ЈП „Национални шуми“ нагласува и дека Подрачното шумско стопанство (ПШС) „Куманово“ се уште нема почнато со активности на терен, ниту врши реконструкција на патишта.

-Љубителите на планината (планинари) деновиве, имаат доставено информации и фотографии до некои локални медиуми тврдејќи дека ЈП„Национални шуми“ работат на терен и се уништува природното богатство. ЈП „Национални шуми“ демантира дека има сеча на шума во близина на водопадот во Длабочица, Старо Нагоричане. ПШС „Куманово”-Куманово информира дека во ШСЕ Козјак,според Посебниот план за стопанисување со шуми и согласно Програмата за работа за 2020 година е предвидена пребирна сеча и е извршена ознака за сеча во одделот 6а, во високостеблен буков насад кој се наоѓа во близина на водопадот Длабочица на оддалеченост од два километра, пред водопадот. Во  2020 година, ПШС “Куманово”-Куманово информира дека нема почнато со активности на терен во поглед на сеча на дрвна маса или реконструкција на веќе постоечките патишта во тој потег, стои во демантот.

ЈП „Национални шуми“ ги отфрла и остро ги осудува и обвинувањата за наводно нееколошко однесување. Тврди дека работи строго според принципите на одржливо стопанисување со шумите.

-Општокорисните функции како економската, социјалната и еколошката функција на шумите се од огромно значење за одржливиот развој на општеството и за подобрување на квалитетот на животот, особено во руралните и планински подрачја и претставуваат основа на работењето на ЈП Национални шуми, посочува  ЈП „Национални шуми“ во демантот. мч/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме