Прилеп, 28 февруари 2020 (МИА) – Прилеп го откажа одржувањето на меѓународниот карневал „Прочка 2020“ според препораките на Министерството за здравство, односно според член 58, став 1, алинеја 4 од Закон за заштита на населението од заразни болести. Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски изрази жалење за откажувањето на Карневалот, што е долгоочекувана голема манифестација, но сѐ е во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните.
-Сите активности поврзани со одржувањето на меѓунароникот карневал „Прочка“ се откажани. Ги следиме препораките на Владата и на Министерството за здравство се во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, на учесниците, на сите гости од земјава и од странство. Жал ни е, бидејќи граѓаните со нетрпение го очекуваа Карневалот, а и ние целосно бевме подготвени и ни се најавија бројни гости од земјава и од странство, изјави Јованоски.
Јованоски нагласува дека Карневалот е откажан, зашто нема смисла да се одржува дополнително, бидејќи е поврзан со празникот Велики Поклади-Прочка.
– Препораката е дека сите големи јавни собири се одложени за седум дена, но ние целосно го откажавме одржувањето на Карневалот за оваа година зашто нема смисла одложено да се одржи, а Карневалот во Прилеп е поврзан со празникот Велики Поклади-Прочка. Но, тоа не значи дека традицијата која е вековна во Прилеп, нема да продолжи. Напротив, традиционалното карневалско одбележување на празникот останува, а в година очекуваме да се одржи следното издание на прилепскиот меѓународен карневал „Прочка“, рече Јованоски.
Инаку, активностите требаше да почнат денеска напладне со изложбата на маски од сите прилепски училишта во Центарот за култура „Марко Цепенков“. За утре беше предвиден детскиот карневал со преку 500 учесници, а в недела големото дефиле на маските од земјава и од странство. Беа најавени вкупно, во двата карневалски дена, околу илјада учесници од земјава, Балканските земји и гости од Германија, Холандија, од Украина. ем/ев/