Вицепремиерката Мила Царовска најави тужба за клевета против Бојан Јовановски по неговото сведочење во судот за случајот „Меѓународен сојуз“.
Јовановски на денешното рочиште рече дека за проектите имал владина поддршка, и тврди дека соработката со ГП Пелистер и Силјан Мицевски се случила преку посредници.
„Ќе слушнете како Мила Царовска, пензионерката со проектот ја упатува кон мене. Бизнисменот Ардијан Амзовски, доколку не го видеше Александар Кирацовски, немаше да го прифати проектот“, рече Јовановски.
Царовска демантира дека имала било каква соработка со меѓународниот сојуз.
„Во интерес на вистината сакам најостро ги демантирам сите дрски лаги и конструкции изнесени во јавност од страна на Бојан Јовановски за поврзаност со проект на ГП Пелистер и за било каква соработка со Меѓународниот сојуз и најавувам дека против него ќе поднесам тужба за клевета. Истовремено ја информирам јавноста дека со госпоѓата што ја споменува Јовановски во неговата изјава ниту некогаш сум соработувала, ниту лично ја познавам. Изјавата на Јовановски е целосна невистина и директен напад и уривање на мојот углед и достоинство за што ќе ги преземам сите правни мерки“, реагира Царовска.
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска почна ново рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“ во кој се обвинети Бојан Јовановски-Боки 13, Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.