Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го назначи генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски за претседател на Републичкиот изборен штаб за претстојните локални избори.
Воедно, извршниот комитет разговараше и за актуелната политичко-економска ситуација и заклучи дека државата тоне во секој поглед, институциите се крахирани со изгубена доверба кај граѓаните, а пандемијата ги коси граѓаните заради неспособноста на власта.
„Во Република Македонија владее непочитување на правото и заштита на криминалот од страна на власта, додека пак наместо криминалците, во затворите гнијат неправедно затворени граѓани. Извршниот комитет донесе заклучок да го поддржи настанот најавен на 25 април, кој не е во наша организација, а по повод неправедно затворените уставобранители со драконски казни. Овој настан треба да помине во демократски и мирен чин. Воедно и потенцираме дека се оградуваме од секакви инциденти доколку произлезат од уфрлени провокатори на истиот настан“, наведе ВМРО-ДПМНЕ.
Извршниот комитет најостро ги осудува последните случувања, потенцирајќи ја аферата „Мафија“. Оттука велат дека власта на СДСМ од Република Македонија направила мафијашка држава, а на чело на државата владее картелот Заеви кој е вмешан во секој криминал кој се случува. Оставките се неизбежни, а кривичната одговорност треба да биде испорачана, смета ВМРО-ДПМНЕ.