Октако финансиската полиција поднесе кривична пријава против 11 луѓе, меѓу кои и против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, поранешниот прв човек на мак-фудбалот се јави со изјава, во која тврди дека и тој самиот е жртва на измама и најави поднесување на кривични пријави
Соопштението на Ѓорѓиоски го пренесуваме целосно:
Како поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и неправедно инволвиран во случајот „ФФМ“, би сакал да се обратам на јавноста по повод истиот.
По однос на написите во медиумите за моја вмешаност во кривично дело „несовесно работење“, би сакал да кажам дека ова е уште еден од низата напади против мене.
Јас од лицата наведени во кривичната пријава сум измамен и искористен, а тоа можам да го видам од приложените докази кои ми беа дадени на увид од страна на финансиската полиција и за кои лица ќе поднесам кривични пријави на кои веќе работи мојот правен тим.
Пријавата за случајот се однесува во период од 2016 до 2019 година, а јас како претседател на ФФМ поднесов оставка во 2018 година. Што значи дека наведеното лице го правела истото дело не само во мое време, туку и по мојата оставка, а многу веројатно и пред јас да станам претседател на ФФМ.
Јас како претседател и одговорно лице сум бил измамен од одговорното лице за финансиско работење во ФФМ кое работи повеќе од 30 години како раководител на финансискиот сектор во ФФМ и секако дека ќе поднесам кривична пријава против истата и ќе преземам соодветни мерки за заштита на својот углед и достоинство како како човек и спортски работник.
Во својство на претседател согласно статутот и правилниците на ФФМ и позитивните законски прописи формирана е финансиска комисија (експерти од областа на финансиско работење, пет члена) и е ангажирана надворешна ревизорска куќа чија задача е да вршат контрола на финансиско работење на одделот за финансии при ФФМ, што значи дека како одговорно лице сум ги презел сите дејства за правење на контролен механизам во финансиското работење на ФФМ.
Најлесно е да оцрниш човек дефинитивно без никаква совест и одговорност. Да ставиш бомбастичен наслов во кој ќе срушиш се што некој создавал со посветеност и макотрпна работа. Никогаш не видов бомбастичен наслов дека во времето на Илчо се направи „Куќата на фудбалот“ и тренинг-центарот, ниту дека беше направена Академијата и Детската лига од која излегоа врвни фудбалери и репрезентативци. Се направи најтешката смена на генерацијата во А-репрезентацијата и од 175. место на ФИФА ранг-листата сега сме на 63-то, можеби и понапред во моментов, и ќе бидеме во иднина – сигурен сум во тоа зашто направивме одлична компетитивна репрезентација и влог и база за сите идни успеси. Во времето на Илчо се случи најголемиот успех – пласман на ЕП за фудбалери до 21 година која генерација денес е носител на играта во А-репрезентацијата. Пласманот на младите репрезентации на елитните УЕФА Турнири стана нормална работа, иако претходно беа многу ретки. На клупско ниво Вардар играше во групите на Лига Европа. Се изградија многу терени и стадиони со што значително се подобри инфраструктурата.
И на крај, во времето на Илчо се одржа Суперкупот на УЕФА во кој играа Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, настан со кој во центарот на светот беа Скопје и нашата Македонија и за првпат од осамостојувањето имавме еден позитивен настан. Можам сега да ви кажам дека Илчо е директен виновник за тоа што се случи Суперкупот во Македонија и никогаш не ми требале ловорки за било што од ова. Секогаш сум го давал најдоброто од себе за федерацијата и државата да имаат успеси. Мојата единствена грешка е што имав целосна доверба и бев измамен од луѓе вработени во федерацијата за кои верував дека се компетентни и чесни во својата работа
Со почит,
Илчо Ѓорѓиоски
Финансиски малверзации во ФФМ, поднесени 25 кривични пријави
> Ѓорѓиоски тврди дека тој е жртва на измама <