Итните постапки се три пати поскапи, власта ги пљачка граѓаните со личните документи, обвини на прес-конференција, Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, зборувaјќи за недостатокот на лични карти, возачки дозволи, регистрации за возилата и пасошите.
Според него, станува збор за очајна мерка за полнење на буџетот.
„Буџетот е празен, граѓаните се опљачкани и се зголемуваат давачките“, рече Ѓорчев.
Тој образложува дека цената за редовна процедура за издавање пасош е 1.600 денари, а Владата ги принудува граѓаните на итна процедура која што чини три пати повеќе односно 4.800 денари. Истото се случува, вели Ѓорчев, и со возачките дозволи – редовната процедура која што сега не е достапна е 280 денари, итната процедура е 840 денари.
„Ова фијаско коешто го приредува власта нема само последица за стресови на граѓаните, да не може да си ги завршат работите, да не може нормално да се движат, да патуваат, туку има за последица и нивно масовно пљачкање и осиромашување. Уште еднаш ова е фијаско, катастрофа и дебакл на власта. Власта не е во можност да ги сервисира основните потреби на граѓаните, а тоа е издавање на пасоши, лични карти, возачки дозволи, регистарски таблички за возилата“, додаде Ѓорчев.