По повеќе од 600 дена под најстрогите мерки против ковид, австралиската јавност негодуваше поради ослободувањето од вакцинација на одредени тенисери кои ќе учествуваат на Австралија опен. Меѓу нив требаше да биде и Новак Ѓоковиќ, но тамошните власти сепак одлучија да го сместат во имиграциско прифатилиште, најверојатно до понеделник. Сега поради тоа, покрај српската јавност која излезе на протест во Белград, негодува и светската јавност, пишува „Н1“.
Првиот рекет во светот е задржан трет ден во хотел во Мелбурн – не докажал дека е ревакциниран, ниту има легитимни причини за ослободување од вакцинација, тврдат австралиските власти.
Додека тој е на другата страна на планетата, во земја која се „заклучува“ повремено и во која околу 90 отсто од населението примиле најмалку две дози вакцина против коронавирус, бурата не стивнува поради ситуација во која се наоѓа.
Претседателот на Собранието на Србија на се’ гледа како на политичкo изживување. Државата тешко може да направи нешто, бидејќи нема посебни односи со Австралија, вели тој.
„Таму ситуацијата е и политички нестабилна и сите бркаат некаков рејтинг и го злоупотребуваат за политички цели“, изјави претседателот на Народното собрание, Ивица Дачиќ.
Ѓоковиќ го поддржуваат бројни колеги, па дури и лути ривали.
„Гледате, дефинитивно верувам дека нешто треба да се преземе, се вакцинирав поради други, поради здравјето на мајка ми, но како се справуваме со ситуацијата на Новак е лошо, навистина лошо. Овие наслови, зборуваме за нашиот голем шампион, но на крајот на денот, тој е само човек. Бидете подобри“, изјави тенисерот Ник Кирјос.
„Ова низ кое што минува Новак во моментов не е во ред. Нема оправдување за третманот што го доби. Ги почитуваше правилата, му беше дозволено да влезе во Австралија, а сега го држат против негова волја. Ова е толкав срам“ додаде Џон Изнер.

Карен Ендрјус – австралиска министерка за внатрешни работи
Министерката за внатрешни работи на Австралија посочува дека се проверуваат и случаите на други тенисери кои се ослободени врз основа на слични исклучоци од обврската за вакцинација.
„Господинот Ѓоковиќ не е во заробеништво, тој може слободно да си оди кога сака и граничните власти ќе му дозволат. Што се однесува до луѓето кои се во имиграциски притвор, без разлика дали се во хотел во Мелбурн или на друго место, тие се таму затоа што немаат соодветна виза или поради некоја друга причина и со сите се однесуваме коректно и еднакво“, изјави австралиската министерка за внатрешни работи Карен Ендрјус.
Поддржувачите и дијаспората, но и противниците на имунизацијата, продолжуваат да му изразуваат поддршка на најдобриот тенисер во светот пред хотелот во кој престојува. Иако се зборуваше дека телефонот му е одземен, Новак преку својот Инстаграм профил им се заблагодари на сите за поддршката.
Неговите адвокати се обидуваат да ја оспорат забраната за влез во земјата. Многу е неизвесно дали ќе се појави на теренот на 17 јануари – Австралијците наскоро ќе излезат на избори, а тешко дека властите ќе попуштат и ќе испратат порака дека има исклучоци.
Како што пренесуваат тамошните медиуми, на Новак во хотелот му се придружилa и тенисерка од Чешка, на која поради истата причина како него и’ бил забранет влез во Австралија.
> Ѓоковиќ ја чека одлуката на судот – во Белград протест, поддршка и од други играчи <