Берово, 23 мај 2020 (МИА) – Штрковите кои од безбедносни причини добија ново живеалиште во село Ратево го прифатија новиот дом. По претходна интервенција на екипи на ЕВН и жители на беровското село Ратево, нивното гнездо успешно беше преместено на безбедна бандера, откако гнездото долги години беше поставено на ризичен далновод во селото.По повод успешната реализација на активноста, активистката Жаклина Реџовска јавно се заблагодари на сите учесници во овој хуман зафат.
-Помина и стравот дали штрковите ќе го прифатат новиот дом. Голема благодарност за несебичната заложба на здружението Про Анима, Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски и пратеничката Јагода Шахпаска, бидејќи без нивна помош приказната немаше да успее. За а мене лично херои во оваа приказна се луѓето од Ратево и нивната енергија, љубов и желба штрковите да останат во селото, рече Реџовска во својата јавно искажана благодарност.
Од Општина Берово се особено горди за прекрасниот момент кој се случи во Ратево.
-Велат штрковите живеат каде има убава енергија на љубов и почит. Овие прекрасни птици го избраа токму Ратево за свој дом, можеби заради енергијата која жителите на Ратево ја имаат. Со ова Ратево е побогато за уште едно прекрасно семејство, додадоа од Општина Берово.
Ова не е прв пат здружението Про Анима да се вклучи во ваквите акции. Во месец октомври минатата година белоглав мршојадец кој е птица од загрозен вид во Малешевијата на иницијатива на Про Анима беше спасен од повреда. вс/ир