Утрински Весник
Македонија

Штип ќе ги има најспецифичните избори до сега

Штип ќе ги има најспецифичните избори до сега

Во ковид услови и препораки за придржување кон здравствените мерки, изминуваат деновите од предизборната кампања за избор на градоначалник во Штип. Нови правила и препораки стигнуваат и од Државната изборна комисија (ДИК), која покрај вообичаените, има и дополнителни рокови. Така, веќе од понеделник почнува рокот за пријава на болните и изнемоштените, а од идниот петок за болните од ковид-19 и граѓаните што се во карантин или самоизолација, ќе можат да се пријават за гласање дома. Овие граѓани, со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, не се во можност да излезат од дома, поради што, ДИК воведе електронски систем на пријавување.

„Секој гласач што добил вакво решение, треба да пополни барање за гласање од дома и да го испрати на мејл. Во прилог на мејлот треба да го достави скенирано решението од ДСЗИ“, изјави за „Мета.мк“, Сенка Андреева, претседател на Општината изборна комисија (ОИК) на Штип.

Ова е постапка пропишана во упатството за гласање на граѓаните во изолација, каде е предвидено покрај решението до ДСЗИ, да може да се достави и позитивен тест од сертифицирана лабораторија. Во Штип до вчера има 536 активни случаи на ковид-19, додека 1.872 се во самоизолација. Оформени се пет медицински тимови, кои на 11 декември, односно два дена пред изборите, во скафандери и останата опрема, ќе влезат во домовите на сите пријавени.

Општинската изборна комисија, според ова упатство, е должна да изврши проверка во Избирачкиот список, по што составува список на лица кои гласаат дома и се доставуваат на Посебните избирачки одбори.

Во посебни услови се одвива и предизборната кампања во изминатите седум дена од нејзиниот старт. Средбите со граѓаните се одвиваат во помали групи, а петте кандидати речиси секојдневно излегуваат со прес-конференции. На терен се и директори и министри, како поддршка на кандидатот на СДСМ, Сашко Николов. Изминатите денови во Штип престојуваа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорката на ПИОМ, Билјана Јовановска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменикот министер за земјоделство, Трајан Димковски.

Помалите партии, покрај средбите со граѓаните на прес-конференции, дел по дел ја запознаваат јавноста со предизборната програма.

Лазар Наумов, кандидат на ТМРО, предложи формирање на полициски патроли, за спречување на зачестените кражби, додека еднаш неделно полицијата да му поднесува рапорт на градоначалникот.

Независниот кандидат Трајчо Митев најави реорганизација на општинскиот буџет „тежок“ 14 милиони евра, замена на азбестните водоводни цевки и поставување на канализација во целиот град и поддршка за проектот за брана на река Отиња, но како што рече, не прифаќа приклучување водоводот кон системот на Злетовица.

ИНТЕГРА со кандидатот Симон Поликарп – Џими зесега е активна на терен и на социјалните мрежи. Европски Штип е девизата на Поликарп – Џими.

Коалицијата „Иднината во наши раце“ со кандидатот Гоце Ангелов ја насочува кампањата кон младите, преку истакнувањето на потребата од креирањето на нови работни места, како и промена на урбанистичкиот план на Штип.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег