Скопје, 12 јуни 2020 (МИА) – Во текот на денешниот ден Штип арт активистите спроведоа уште една акција поврзана со неодговорното однесување на работодавачите, превозниците, работниците и институциите, со цел да се потенцира неодговорноста и непочитувањето на мерките за заштита од СЗО и Кризниот штаб.
– Поради непочитувањето на мерките станавме сведоци на ширењето на заразата со КОВИД 19 и на неможноста да се заштитат граѓаните на Општина Штип и околината. Сакаме да пренесеме порака дека неодговорното однесување си има своја цена и истото е претставено преку банерот кој е поврзан со претходната акција. Претходно во автобусите се возеа суперхероите на Штип, но денеска тие се полупразни бидејќи во нив се ширеше заразата со корона вирусот. Автобусите сега, наместо супер херои, превезуваат вируси на Ковид-19, велат Штип арт активистите.
Активистите пред текстилните фабрики, пред Општина Штип, на плоштадот „Слобода“ и градскиот пазар поставија инсталации со фискални сметки, фактури и парагон блок на кои ги има податоците со бројот на заразени и мерките кои беа прекршувани како показател дека неодговорното однесување и непочитувањето на мерките резултира во зголемениот број на заразени, дијагностицирани, хоспитализирани и починати.
– Апелираме до сите граѓани, работодавачи, превозници и институции, да ги почитуваат мерките, да бидеме сите одговорни, солидарни, на висина на задачата и да го заштитиме колективното здравје во нашиот Штип, велат Штип арт активистите. нд/сп/