Штип, 11 април 2020 (МИА) – Екипи на Територијалната противпожарна единица, комуналното претпријатие „Исар“ и на приватни фирми вршат дезинфекција на улиците низ градот Штип. Градоначалникот Благој Бочварски вели дека дезинфекцијата се врши со четири возила и ќе продолжи и утре односно додека трае викендов полицискиот час.
На веб-страницата на Општина Штип може да се видат и телефонските броеви на супермаркетите кои вршат достава на намирници до граѓаните, а една такси-компанија се има пријавено за превоз на патници. Осум ресторани и пицерии вршат достава на храна за граѓаните. На веб-страницата се наведени телефонските броеви на кои граѓаните можат да се јават.
Мобилните тимови на Општина Штип заедно со волонтерите на Црвен крст Штип вршат достава на намирници за старите и изнемоштени лица. Досега од нив помош побарале над сто граѓани. вдј/хс/