Утрински Весник
Македонија

Штипските археолози по четири децении ќе работат на локалитетот „Кале“ кај Крупиште

Штипските археолози по четири децении ќе работат на локалитетот „Кале“ кај Крупиште

Штип, 24 мај 2020 (МИА) – По 40 години конечно ќе се истражува археолошкиот локалитет „Кале“, кај селото Крупиште во Општина Карбинци. Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов вели дека годинава средства од буџетот на Министерството за култура се обезбедени, а се чека активностите да почнат по завршување на вонредната состојба и олабавување на мерките.

Тој најави дека прво што ќе работат е на штипската Саат Кула, а потоа следуваат и археолошките активности на локалитетите, меѓу кои и на „Кале“, кој во научната јавност, но и академик Блага Алексова по истражувањата на терен и пронајдоците тврди дека токму на оваа место се напишани „аз“, „буки“, „веди“, првите букви од глаголицата, што Свети Кирил ги напишал во деветиот век, кога ја создала и правата словенска азбука.

-Првиот проект за истражување на катедралната базилика во Крупиште  беше работен многу одамна уште пред 40-тина година , но таа  не е истражена до крај. Планираме со проектот да го конзервираме за да  заокружиме една целина и во тој дел, вели Штерјов.

Археолошките претпоставки за овој локалитет и  Панонските легенди за браќата Кирил и Методиј, говорат дека глаголицата била напишана во градот Равен, каде за епископ бил назначен Методиј. Во славистичките кругови сега преовладува така наречената, Македонска теорија, според која Глаголицата е напишана по течението на реките Брегалница и Струма.

Универзитетскиот професор од Факултетот за образовни науки на катедрата за археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Трајче Нацев вели дека археолозите своите претпоставки дека токму овде е создадена глаголицата ги темелат на тоа што во близина на селото Крупиште има четири цркви и една петокорабна катедарала од 5 до 10 век, или овде според овие објекти се наоѓал  голем епископски центар.

-Истражувањата на археолошкиот локалитет Кале треба да продолжат и јас се потполно согласувам дека истражувањата на локалитетот за нашето културно минато, за нашиот културен идентитет се многу важни, бидејќи првите археолошки откритија, коешто го поврзуваат со Брегалничката мисија на Кирил и Методиј се откриени токму на овој локалитет, вели Нацев.

Тој ја раководел и конзервацијата на локалитетот Кале, како археолог вработен во штипскиот Завод за заштита на споменици и Музеј на град-Штип. Академик Блага Алексова во 1984 година го откри локалитетот Кале кај Крупиште, а според наодите на теренот тврдеше  дека токму на ова место бил обновен градот Равен.

Повеќе од научниците се на мислење дека глаголицата е откриена токму во Брегалничкиот регион, со мисијата на Методиј и оти глаголицата е намерно создадена и е прилагодена на словенскиот јазик. Додека пак други автори сметаат дека глаголицата е создадена од ранохристијанските симболи. Тоа е од крстот, кругот и триаголникот. Крстот значи искушение, триаголникот е светото тројство, додека кругот значи совршенството и безконечното и дека токму од овие три христијански симболи Кирил успеал да ја напише глаголицата и да ја прилагоди на словенскиот јазик. Нацев посочува дека научниците посочуваат уште две локации на градот Равен, едната е меѓу делчевските села Разловци и Трботивиште и втората е Равна река, во Малешивскиот регион, каде што се и изворите на реката Брегалница. вдј/цр

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Утре Ден на жалост на територијата на Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј

Кос: Македонија да го промени Уставот и потоа навистина да го забрзаме процесот

Министерот Таравари по вчерашниот колапс се одмара дома