Штип, 14 мај 2020 (МИА) – Во услови на пандемија одделот за интервентна кардиологија при штипската Клиничка болница работи со полн капацитет. Пациентите од источниот дел на земјата добиваат навремена, стручна и професионална кардиоваскуларна поддршка, потенцираа на денешната прес- конференција кардиологот Сашко Николов и директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев.
– Во овие два месеца направивме по 40 стентирања месечно. Во март беа 40, а во април 37 стентирања на пациенти од кои 95 отсто беа со срцев инфаркт, вели Николов.
Тој додаде дека ангеографот веќе две години е во функција. За двојно е зголемен буџетот за одделот за кардиологија, па за разлика од минатата година кога беа набавени 420 стентови, годинава бројот се дуплира, односно набавени се 939 стентови.
– Сите пет типови на стентови кои ги имаме набавено се од топ пет најпознати светски производители и се со врвен квалитет, вели Ѓеорѓијев.
Директорот на болницата, Ѓеорѓијев потенцираше дека отворена е и посебна кардиолошка амбуланта, во која доаѓаат пациентите кои имаат притисок или имале стентирање или пак имаат потреба од било каква кардиолошка консултација. Работи од понеделник до петок за закажани, но и за вонредни или итни пациенти.
–Пациентите си добиваат соодветна терапија, консулатција и се закажуваат понатаму, дали за кардиоваскуларна ехо проценка, коранографиј итн, додаде кардиологот Николов.
Во изминатите две години направени се 2500 коронарографии, во ангиографската сала се направени 900 стентирања, а половината од нив се на пациенти со миокардни инфаркти кои итно биле донесени во болница.
– Овој период направивме околу 15 000 ехо кардиографии, односно кардиоваскуларни проценки, од кои во период 2018-2020 се направени 6000 од тие 15 000. Овој преглед опфаќа ехо на срце, доплер на вратни артерии, доплер на ножни артерии, на аорта, давање дијагноза, соодветна терапија и препорака за понатамошен третман, вели Николов.
Во истиот период одделот и кадровски се екипира. – Во 2018-та кога почнавме бевме четворица доктори и само шест сестри. Денеска со гордост можам да кажам дека кардиологија брои седум доктори, 14 медицински сестри, четворица болничари и две хигиеничарки, рече Николов.
Иако кардиологот Николов е на изброната листа за пратеник во македонското Собрание, вели и доколку стане пратеник, законот му дозволува два до три дена во неделата бесплатно да им биде на услуга на неговите пациенти.вдј/са/