Пратениците од Шри Ланка го избраа премиерот Ранил Викремесинге за нов претседател на земјата.
Викремесинг беше избран и покрај тоа што беше непопуларен во јавноста.
Се очекува тој да ја изведе земјата од економскиот колапс и да го врати јавниот ред по неколкумесечни масовни протести.
Сепак, изборот на Викермесинг е тој што може да доведе до нови протести, поради незадоволството против владејачката елита, која се смета за одговорна за големата економска криза со недостиг од гориво, храна и лекови, изјавија за британската агенција неколку демонстранти.
– Ако Ранил дојде на власт, не можеме да имаме стабилност – изјави Думинда Нагамува, која ги организираше протестите во Коломбо по објавувањето на кандидатурите.
Други демонстранти рекоа дека вршителот на должноста претседател е сојузник на моќното семејство Рајапакса, кое тие го обвинуваат за економската криза.
Да потсетиме, поранешниот претседател на Шри Ланка, Готабаја Рајапакса, побегна од земјата минатата недела.
Тој отиде на Малдивите, а потоа и на Сингапур, откако илјадници демонстранти упаднаа во неговата резиденција и други владини згради, барајќи негова оставка, пренесуваат светските агенции.