Властите во Шри Ланка ги затворија клучните владини канцеларии и го продолжија полицискиот час со цел да го спречат растечкиот број на случаи со коронавирус.
Министерството за надворешни работи го затвори конзуларното претставништво на една недела и ја прекина работата на сите служби со цел да се спречи собирање луѓе, пренесе АП.
Министерството соопшти дека ќе прифати само документација во врска со починати граѓани на Шри Ланка во странство, строго по договор.
Другите оддели кои обезбедуваа услуги поврзани со приходот, имиграцијата, пензиите, лиценците за возила и регистрацијата исто така се затворени на една недела, а изложбата спонзорирана од државата е откажана.
Во жариштето што избувна оваа недела регистрирани се 1.034 случаи, а од над 2.000 лица било побарано да бидат во домашен карантин.
Центарот на жариштето е фабрика за облека во предградието на Коломбо, каде што работел првиот пациент и многу други.
Полицијата го продолжи полицискиот час во предградието каде што живеат многу пациенти.
Училиштата се затворени, јавните собири се прекинати и воведени се ограничувања во јавниот превоз.