Во чест и сеќавање на Енвер Малиќи денеска со едноминутно молчење почна и се одржа онлајн комеморативна седница што беше пренесувана на фејсбук каналот на Град Скопје. На комеморацијата од починатиот заменик-градоначалник на Скопје се простија членовите од неговото семејство, пријателите и соработниците.
„Со длабока тага и чувство на голема загуба вчера ја примив веста за смртта на мојот добар пријател Енвер Малиќи, заменик-градоначалник и успешен бизнисмен. Со неговото заминување изгубивме голем и искрен пријател, но и соработник кој несебично го делеше своето обемно искуство во повеќе области. Бидејќи беше човек со ведар дух, со него лесно се разговараше за сите теми, па така често разменувавме мислења за развојот на локалната самоуправа, за економијата, како и за политички теми поврзани со земјава и регионов. Тие што го познаваа Енвер, знаат дека тој од ништо не се плашеше и секогаш беше подготвен за нови предизвици. Енвер беше еден од највлијателните стопанственици во државата и затоа беше почитуван во бизнис заедницата како успешен бизнисмен, но како голем хуманист и филантроп. Нема зборови кои можат да ја ублажат болката на семејството коешто доживеа ненадоместлива загуба, но изгубивме и сите ние коишто го познававме Енвер. Тој беше човек со големо срце и со разбирање за проблемите и потребите на своите сограѓани. Нека ти е светол патот мој пријателе и почивај во мир“, кажа Шилегов на комеморацијата.
Во име на советниците на Советот на Град Скопје длабоко сочувство до семејството Малиќи изрази Бесник Ајети, од ДУИ.
„Дозволете во мое име и во име на колегите да ви изразам длабоко сочувство по повод заминувањето од овој свет на најскромниот колега, бизнисмен и човек што некогаш сум го познавал, покојниот г. Енвер Малиќи. Несомнено, господин Енвер беше посебен по својата професија и пошироко. На овој почесен ден, духовно и во молитва сме заедно со семејството Малиќи. Нека е вечен споменот за него“, рече Бесник Ајети.
Денеска, во просториите на Град Скопје (пред влезот во Кабинетот на градоначалникот, барака број 4) е отворена книга на жалост за прерано починатиот заменик-градоначалник Енвер Малиќи. Сите граѓани коишто сакаат да се запишат во книгата на жалост ќе можат да го направат тоа од 11 до 16:30 часот, до петок.