Утрински Весник
Македонија

Шилегов: Арсовска не е независна, а уште помалку е добар менаџер

Шилегов: Арсовска не е независна, а уште помалку е добар менаџер

На вечерашниот централен митинг кој се одржа во Скопје, градоначалникот Петре Шилегов помеѓу другото се осврна и на пораките и проектите кои ги ветува неговата главна против-кандидатка, Данела Арсовска.

Шилегов рече дека единствени проекти кои досега ги нуди таа се тоа дека е независна и дека е добар менаџер.

„Ја имаме кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, која ги убедува граѓаните дека била независна и добар менаџер. Госпоѓо Арсовска, за жал, не само што не сте независна, туку веќе сте должни и тоа ни помналку ни повеќе на најкорумпираната партија во Европа, ВМРО-ДПМНЕ. На секоја ваша реклама и спот стои напишано дека е платена од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Тоа се истите луѓе, кои потрошија 680 милиони евра на лажен барок“, порача Шилегов.

Тој смета дека уште поглем проблем е што со целосно неиздржани и паушални ветувања Арсовска се обидувала, како што вели, да им се додворува на скопјани што, според него, укажува дека не е добар менаџер.

„Само лош менаџер ветува проекти кои значат банкрот на Скопје, а денеска вашето прво ветување за бесплатен јавен превоз е токму тоа. Само лош менаџер нуди паушална програма која е целосно неиздражана без познавање на финансиите на градот и како воопшто институцијата функционира. Само лош менаџер, на крајот, ветува брзи решенија како што стои на вашиот плакат. Добриот менаџер темелно и долгорочно планира и реализира“, потенцира Шилегов.

Тој порача дека Скопје не смее и нема да биде уште еден експеримент на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи градот не е сопственост на ниедна партија туку на граѓаните.

Исто така нагласи дека за разлика од Арсовска, тој има реален и проверен план како и стручен тим со кој тоа ќе го реализира.

Можете да прочитате

Расчистени одроните од карпи и паднатото дрво на автопатот Скопје-Велес

Трибините – огледало на политиката

ВМРО-ДПМНЕ за Таравари: Кога ДУИ те фали, знаеш дека нешто крупно е згрешено