Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху следниот месец ќе го испрати шефот на Мосад, Јоси Коен, во Вашингтон на средба со американскиот претседател Џо Бајден за да ги постави барањата на Тел Авив за реформа на иранскиот нуклеарен договор, пренесува „Тајмс оф Израел“.
„Канал 12“ објави дека Коен ќе ги претстави барањата на Израел според кои Иран мора да го запре збогатувањето на ураниум, да престане да произведува напредни центрифуги и да престане да ги поддржува терористичките групи, пред сè либански Хезболах.
Барањата вклучуваат и крај на военото присуство на Иран во Ирак, Сирија и во Јемен, запирање на терористичките активности против израелските цели во странство и давање целосен пристап на МААЕ до сите аспекти на неговата нуклеарна програма.
Коен, доверлив сојузник на Нетанјаху, ќе биде првиот висок израелски функционер што ќе се сретне со Бајден и со шефот на ЦИА.
Израел се плаши дека обновување на иранскиот нуклеарен договор ќе му помогне на Иран да збогати ураниум и да ја закрепне својата економија.
Номинираниот државен секретар на САД, Ентони Блинкен, изјави дека американската администрација ќе се консултира со Израел и со другите сојузници кога ќе донесе одлука за заживување на нуклеарниот договор со Иран.
Во средата Нетанјаху го повика Бајден да соработува со Израел за справување со заканата што ја носи Иран.