Скопје, 18 јуни 2020 (МИА) – Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска учествува на состанокот на министри за одбрана на НАТО, кој заради глобалната пандемија, по втор пат се одржува преку заштитена видео-конференциска врска.
По дводневиот состанок за Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, Шекеринска во 16:30 часот ќе даде изјава пред Министерството за одбрана.
Министрите за одбрана на НАТО одржаа видео конференција на која донесоа одлуки за зајакнување на одбраната и одговорот на Алијансата.
Како одговор на растечкиот арсенал на нуклеарни ракети на Русија, сојузниците се согласија за избалансиран пакет на политички и воени мерки, вклучително и засилување на воздушната и ракетна одбрана, напредните конвенционални можности, разузнавањето и воените вежби. Тие исто така се договорија и за чекорите што треба да се преземат со цел нуклеарниот одговор на НАТО да се одржи безбеден и ефикасен.
– Ќе го одржиме нашиот одговор и одбрана, но нема да ја копираме Русија. Немаме намера да распоредиме нови копнени нуклеарни проектили во Европа, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. ац/