Утрински Весник
Македонија

Шекеринска најави зголемен број припадници на Армијата во дел од градовите во земјата

Шекеринска најави зголемен број припадници на Армијата во дел од градовите во земјата

Скопје, 16 април 2020 (МИА) – Министерката за одбрана и заменичка претседателка на Владата Радмила Шекеринска денеска на прес-конференција најави дека во следниот период припадниците на Армијата ќе бидат во зголемен број присутни како поддршка на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на единиците на локална самоупорава во сите општини каде што таа помош беше побарана.

– Можам да најавам дека припадниците на Армијата ќе бидат дополнително ангажирани во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Охрид, Струмица, Куманово, Битола, Прилеп, а во текот на денешниот ден разговараме и со конкретно Општина Центар, Велес, Кавадарци и Росоман. Очекуваме ваквото поголемо присуство и учество да им помогне и на општините и на МВР да се справат со спроведување на сите мерки за заштита, изјави Шекеринска.

Користејќи воени капацитети, потенцира таа, се трудиме секој ден да помогнеме да спасиме човечки животи.

Одговарајќи на новинарско прашање за ангажирање на Армијата во Куманово, Шекеринската рече дека затворањето на овој град каде што има голем број заболени, ќе значи трошење многу ресурси, а нема да го реши проблемот.

– Единствениот лек и инструмент, кој што го кажуваат сите експерти е социјалното и физичко дистанцирање на повеќе од два метри. Ние можеме со непробојни врати да го затвориме Куманово, амо излезете по кумановските улици и ако повторно видите гужва пред банки, маркети, во парк, луѓе кои не се заштитуваат дополнително со опрема ниеден карантин нема да ве спаси од болеста, рече Шекеринска.

Таа нагласи дека Армијата во помош за справување на ширењето на коронавирусот и кризата воопшто, е ангажирана во повеќе сегменти.

– Прво, помош во контрола на границите и обезбедување на сигурност, безбедност и неповредливост на границите на државата, второ поставување и чување на контролните точки на влез и излез во одредени градови или општини, трето, обезбедување на критичната инфраструктура и виталните објекти, четврто поставување на полски болници како нашата во Инфективнаата болница, и користење на воените медицински капацитети и поддршка на цивилните здравствени капацитети, обезбедување на специјализиарани тимови за биолошка и хемиска одбрана за вршење на дезинфекција, нешто што Армијата го прави веќе во повеќе општини низ цела држава. Обезбедување на инжинериски градежни услуги, како што нашите инженериски екипи го правеа во Универзитетската клиника и блиску до Инфективната клиника, достава на пакети храна до социјално ранливи категории, обезбедување на подрачја и целосна поддршка на локалните власти и на МВР, рече Шекеринска.

Министерката, која вчера првпат ја претставуваше Северна Македонија, како полноправна членка на НАТО на телеконференцискиот состанок на министри за одбрана на земјите на Алијансата посветен на кризата со Ковид-19, рече дека од искуството што го споделиле нејзините колеги речиси и да нема сојузничка армија која не ги прави истите задачи.

На состанокот биле презентирани искуства за справување со кризата, но од аспект на одбранбениот сектор и армиите, што според Шекеринска, било добро за да се направи споредба до каде сме ние, на кој начин реагираме, и на кој начин ја мобилизираме и ја ангажираме Армијата, а како тоа се прави во другите држави.

– Ме радуваше фактот што видов дека одговорот на сојузничките армии за справување со пандемијата со широк спектар активности е речиси идентичен на начинот на кој нашата армијата ја ангажиравме и ја користиме за поддршка на цивилните власти, рече Шекеринска.

На состанокот се разговарало како земјите членки на НАТО се справуваат со пандемијата, но и на кој начин НАТО помага во таа операција и на кој начин може повеќе да се мобилизира.

– Се договаравме како да си помогнеме едни на други во справување со најтешката здравствена криза, којашто дефинитивно ќе има и финансиски и економски импликации и која, како што сите изразија надеж, не треба да премине во безбедносна криза. Се договаравме како оваа помош да биде брза, ефикасна, солидарна и да покаже на дело дека заедно сме навистина посилни, истакна Шекеринска.

Министерката добила честитки за полноправното членство во НАТО, но исто така таа се заблагодарила за помошта која што Северна Македонија ја доби од сојузниците САД, Чешка, Унгарија, Турција, Словенија, Норвешка, Холандија, Велика Британија и Бугарија.

– Во истовреме ова беше шанса да ја испратиме пораката дека не сме само држава која што само чека помош туку дека сме држава која има капацитет и да понуди помош и заради тоа и ги понудивме и нашите медицински капацитети за соработка со КФОР кои практично ја добиваат целосната логистичка поддршка и досега од нашата држава, рече Шекеринска.

Таа воедно апелираше граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. ев/сп/ 

Прес на Радмила Шекеринска Министер за Одбрана

Posted by MИА.mk on Четврток, 16 април 2020

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме