Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска изврши увид на градежни работи на автопатот Кичево – Охрид.
„ Претходниве денови слушате многу за автопатот Кичево – Охрид и затоа денеска сум тука за да можеме сите со свои очи да се увериме колку се опасни лагите кои што ги испраќаат оние кои барем на оваа тема би требало постојано да молчат.
Автопатот Кичево – Охрид е ветен, почнат, државата ни е задолжена веќе многу години, и после 4 – 5 години владеење на ВМРО ДПМНЕ видовме дека оставиле проект кој е започнат беа документација, без пресметки, без план, меѓутоа единственото нешто што го завршиле било она што го чувме во бомбите а тоа е договор за 15 до 18 милиони евра провизија.
Провизијата ја зеле, ама проекти и проектна документација не оставиле. Како Влада наследивме обврска која што беше почната но беше почната и поставена на глава. Овој пример, автопатот Кичево – Охрид е доказ, колку е тешко од кал да извадиш нешто што е оставено без проект, без план, без документација и без ред.
Од моментот кога бевме избрани и ја добивме одговорноста покажавме како е да се работи плански. Обезбедивме целосна документација, ги обезбедивме сите неопходни средства, обезбедивме повторно да се работи на делницата Кичево – Охрид. Ако ВМРО ДПМНЕ остави проект од Кичево до Охрид да е автопат без ниту една клучка, успеавме во проектот да се стават 9 клучки кои ќе обезбедат комуникација на населението коешто живее помеѓу овие две општини и започнавме работа на неколку делници од кои само една можете да ја видите овде.
Според информациите на сите оние кои што се вклучени во проектот најголемиот дел од тунелските решенија е завршен, најголемиот дел од тешките точки коишто не беа проектирани како треба се завршени, и откако ја обезбедивме и потребната механизација, работници и потребните средства, повторно се започна изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Очекуваме овој автопат со целосна инфраструктура со 9 клучки автопат како што личи во секоја нормална држава да биде завршен до крајот на 2021 година.
Ние градиме со план, не градиме на збор, не градиме со провизии. Затоа граѓаните можат тоа да го видат со свои очи. Со свои очи не можеа да го видат она што го градеше ВМРО ДПМНЕ но со свои очи можеа да видат како 15 до 18 милиони евра се дадени за провизија за Груевски и неговата група.
Затоа наместо да поставуваат прашања за автопатот Кичево – Охрид овие од ВМРО ДПМНЕ треба да го повикаат Груевски и да му побараат да и ги врати на државата 15-те до 18-те милиони евра коишто ги зема од овој автопат и го остави неизграден, без тунели и без клучки. На темава ВМРО ДПМНЕ треба и да молчи и да одговара“ порача Шекеринска.