Утрински Весник
Македонија

Шекеринска:За медиумите и новинарите ќе важи исклучокот од полицискиот час

Шекеринска:За медиумите и новинарите ќе важи исклучокот од полицискиот час

Скопје, 22 март 2020 (МИА) – Во тек се пријавувања на објавениот повик до сите оние кои имаат капацитети над 50 и се подготвени да прифатат луѓе кои ќе бидат во државен карантин, но ќе се користат и државните капацитети како што е Демир Капија, информира министерката за одбрана радмила Шекеринска на денешната прес-конференција.

Таа најави дека во првиот момент има седум капацитети на располагање, меѓутоа, како што рече, на располагање во случај на големи бројки е и Пепелиште, без разлика што се работи за војнички услови. Сметаме, потенцира, и на неколку одмаралишта и државни капацитети кои во рок од еден до два дена ќе ги ставиме целосно во употреба.

– Очекувам поголем број и хотелски капацитети и одморалишта да бидат ставени на располагање. Бројката на наши граѓани кои се враќаат во државата не е мала, за жал бројката на наши граѓани кои не ги почитуваа правилата на самоизлоација е голема. Ние не сакавме да преземаме вакви мерки, но во ситуација кога не се почитуваат правилата, државата мора да ги заштити своите граѓани, рече Шекеринска.

На новинарско прашање дали се предвидуваат измени во режимот на полициски час бидејќи вака како што е најавено се ограничува и редовната работа на медиумите после 21 часот, министерката Шекеринска одговори дека една од професиите или една од структурите за која ќе важи исклучокот дефинитивно ќе бидат медиумите и новинарите.

– Се воведува полициски час во периодот од 21 до 06, а главниот штаб во Владата се задолжува да ги дефинира исклучоците и тоа уште вчера беше споменато и од страна на министерката за правда дека една од професиите или една од структурите за која ќе важи исклучокот дефинитивно ќе бидат медиумите и новинарите. Денеска сабајлево на Главниот штаб ги потврдивме неколкуте категории исклучоци. Ние не може да речеме полициски час и докторите да не можат да одат на работа или медицинскиот персонал. Така што уште вчера ги спомнавме новинарите, односно медиумите како еден од исклучоците. Меѓутоа денеска е во тек како тоа да го реализираме на едноставен начин што ќе биде брз за медиумите, а од друга страна ќе и даде и на полицијата и на Армијата можност за контрола, појасни Шекеринска.

Уште еднаш потврди дека медиумите ќе бидат едни од исклучоците.

– Ние сме свесни дека како што се бориме со вирусот така се бориме и со стравот којшто е оправдан, се бориме и со лагите, се бориме и со дезинформациите и единствената политика која што може да ни биде успешна е да бидеме отворени, да бидеме транспарентни и да бидеме на располагање кога треба да се одговорат прашањата. Не би било прифатливо да кажеме дека одеднаш од 21 часот веќе нема ни разговор, веќе нема ни информации. Тоа само може да ја влоши ситуацијата, а не да ја подобри. Овие мерки што ги преземавме физички се начин да покажеме дека можете да бидете транспарентен, а притоа да не го загрозувате здравјето на новинарите, рече на прес-конференцијата министерката за одбрана.

Одговарајќи на новинарско прашање дали со промена на законските одредби и во време на криза ќе има нови вработувања и кој ќе ги контролира институциите да не прават злоупотреба, Шекеринска нагласи дека кога нема избори, тоа не значи дека нема контрола на злоупотребите.

– Дел од таа контрола се институциите, Антикорупциска, дел од таа контрола се медиумите и како што гледате ништо од таа контрола не запира дури ниту во изборен период. Ама мислам дека стварно е непримерно да помисли некој дека во период кога немаме избори се укинувале членовите заради злоупотреба. Имаме или немаме избори. Сите се согласија дека избори во оваа ситуација би биле не неодговорни, би биле срамота за државата. Ако нема избори, тогаш не можеме да функционираме според правила што важат само 20 или 40 дена пред избори. Да ве прашам, ако не ги тргнеме настрана овие членови, како да барате од институциите да реагираат брзо? Никој од нас не се подготвувал за епидемија од коронавирус. Ние сега користиме можност во Законот која ни вели итни и неодложни работи. Меѓутоа, ниту една институција не може да си ги смени плановите за јавни набавки, ниту една институција не може да стави одредба дека ќе купува заштитен материјал или дека ќе се прилагоди на ситуацијава. Пред нас е многу голем предизвик, не чекаат тешки денови и единственото одговорно нешто што можевме да направиме е да ставиме се што е со избори ад акта. Јас се надевам дека се што е врзано со политика и политички интереси исто ќе ставиме настрана. И дека во овие моменти ќе се сконцентрираме како да и помогнеме на државата и како да им помогнеме на граѓаните. Во прашање е Влада што е на располагање и на новинарите и за прашања, па јас мислам дека шест часа дневно. Ако некој сакал да злоупотребува дефинитивно немал да има ваков режим, ваков пристап кон медиумите. Ни треба во овие моменти не само што не ни требаат ограничувања во поглед на функционирање на државните институции, треба да бидат посилни. Од нас се очекува да има се, да функционира се подобро, а притоа да важат изборните правила, појаснуваше Шекеринска.

Влегуваме во криза, истакна таа, што никој не може да предвиди колку ќе трае и неодговорно би било институциите да мислат дека со овој светски предизвик, подвлече, со светска криза ќе се справуваат со врзани раце и врзани нозе.

– За злоупотреби нема оправдување. Ама секој од нас е одговорен човек и сфаќа дека навистина ѓаволот ја однел шегата и дека ова не се моменти кога треба да дискутираме и да трошиме енергија за политика. Ова се моменти кога треба да зборуваме за моментот и да го решаваме проблемот, рече министерката за одбрана Шекеринска. цр/мч

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!