Делчево, 7 април 2020 (МИА) – Продолжува хуманитарната акција на швајцарски државјани по потекло од Делчево. Во рамки на акцијата, како што информираше делчевецот Захир Амитов, денеска хуманитарна помош добија поголем број граѓани на Делчево.
– Како што знаете во сабота се доделуваше помош за лица од социјален ризик од ромската популација. Со денешната акција беа опфатени и граѓани на Делчево од православна вероисповед. Хуманоста не познава вера и нација и затоа нашиот сограѓанин ја доделува подеднакво на сите граѓани на Делчево на кои им е потребна помошта, рече Амитов.
И денешната помош како и претходната, како што додаде, се состои од брашно кое ќе биде поделено на вкупно 30-тина семејства од Делчево.
Во текот на вчерашниот ден исто така со поддршка на семејството од Швајцарија беа обезбедени прехранбени пакети кои беа поделени на 10 најзагрозени семејства од Делчево. вс/oџ/