„Интернетот е секојдневие на сé поголем број деца, а пандемијата речиси две години дополнително ги врза децата за дигиталните алатки. Масовната онлајн изложеност на кревките личности, покрај сите придобивки, носи можности и за злоупотреби, закани, насилство и експлоатација, што го потврдуваат познатите случаи за кои јавноста дозна. Но и бројни, за кои само децата и нивните семејства знаат. Затоа е многу важно системски и организирано да ги заштитиме младите од демнечките онлајн ризици и закани“.
Ова го изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната презентација на Проценката за безбедноста на децата онлајн за Северна Македонија, подготвена од Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), врз основа на ставови и искуства на деца и родители.
„Децата немаат заштитен ѕид, firewall, за онлајн ризици и закани. Него мора да го изградиме ние како заедница, како системски одговор“, нагласи министерот, додавајќи дека вакви сложени предизвици бараат ангажман од целото општество, вклучување како на владиниот така и на граѓанскиот сектор, на бизнис заедницата, медиумите и на сите граѓани. Нема временски рамки, потребно е постојано внимание и подигнување на свесноста за онлајн заканите, насилството преку Интернет, сајбер насилството и дигиталното вознемирување“ – укажа Шаќири.
Министерството за образование и наука во рамки на реформата на деветолетката, посебно внимание посветува на дигиталното образование.
Согласно новата Концепција за основно образование, дигиталната технологија мора да се применува на начин кој им е од непосредна корист и добробит на учениците.
Дигиталната писменост е еден од националните стандарди за основното образование, што значи дека учениците стекнуваат знаења, вештини и ставови што им овозможуваат отвореност и познавање на можностите, но и замките на информациските и комуникациските технологии и на нивно креативно, критичко и одговорно користење за учење, за работа и за други лични и општествени активности во текот на образованието и во иднина.
„Дигиталната писменост ја вградуваме во наставните планови преку вклучување во повеќето задолжителни и некои изборни наставни предмети како и со вклучување во воннаставните активности. Целта е учениците да умеат да ги користат информатичко комуникациските технологии за да дојдат до информации, да можат умешно и ефективно да ги користат дигиталните алатки за решавање проблеми, споделување идеи, комуникација и соработка во училиштето и надвор од него. И што е најважно, сето тоа да го прават заштитувајќи се себе си, преку етичко и безбедно користење на дигитална технологија“, рече министерот за образование и наука.