Утрински Весник
Македонија

Шахпаска: Сите експерти за човекови права да конкурираат за избор во Комисијата за заштита од дискриминација

Шахпаска: Сите експерти за човекови права да конкурираат за избор во Комисијата за заштита од дискриминација

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска ги повика сите оние кои се стручни во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата и ги исполнуваат законските услови, да се јават на огласот за избор на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, што Собранието е должно да го објави во рок 15 дена од стапувањето на сила на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Ги повикувам сите што имаат стручно познавање и искуство во делот на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата да се јават на огласот и низ транспарентен процес да бидат избрани најдобрите кандидати. Граѓаните тоа го очекуваат. Обезбедени се услови за создавање на независна, професионална и ефикасна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, чија што задача ќе биде заштита на граѓаните кои се дискриминирани по кој било основ“, порача министерката Шахпаска, по изгласувањето на Законот.

Таа оцени дека овој Закон е од исклучително значење за граѓаните и за државата, особено што сега јасно се дефинирани основите на дискриминација, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во согласност со меѓународните стандарди и европската регулатива.

„Концептот едно општество за сите подразбира почитување на различностите, борба против дискриминацијата, еднакви права и слободи за сите граѓани“, порача министерката.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија