Утрински Весник
Македонија

Шахпаска-Донев: Економските мерки за справување со Koвид дадоа позитивни резултати и во Македонија и во Бугарија

Шахпаска-Донев: Економските мерки за справување со Koвид дадоа позитивни резултати и во Македонија и во Бугарија

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, имаше работна средба со вицепремиерот за економски и социјални политики и министер за труд и социјална политика во Република Бугарија, Галаб Донев.

На состанокот двајцата министри разговараа за политиките што ги водат во делот на работните односи, но и разменија мислење за мерките што двете држави ги преземаа со цел да се олеснат економските последици врз работниците и стопанството, од здравствената криза предизвикана од пандемијата Ковид-19.

Шахпаска информираше дека нашата држава преку шесте пакети економски мерки и вложените 1,2 милијарди евра како помош помогна да се зачуваат околу 80 илјади работни места. Тоа, додаде таа, придонесе дури и за намалување на невработеноста на историски 15,9 проценти.

Преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, нагласи министерката Шахпаска, со дополнителни 25 милиони евра, Владата посвети внимание не само на оние кои го загубија работното место поради пандемијата, туку и на тешко вработливите, ниско квалификуваните и на оние лица кои подолго време се надвор од пазарот на трудот, особено на жените и Ромите.

Министерот Донев, презентирајќи ги економските мерки на Бугарија, оцени дека исто така, во време на економска криза, успеале да задржат ниско ниво на невработеност и на некој начин да го заштитат стопанството.

Двајцата министри разговараа и за начинот на кој го водат социјалниот дијалог со претставниците на работниците и работодавачите, но и за процесот на хармонизирање на законската регулатива во делот на работните односи со европското законодавство.

Министерката Шахпаска информираше дека во завршна фаза е подготовката на новиот закон за работни односи, кој го подготвуваме во соработка со експерти од Меѓународната организација на трудот, но и дека Министерството за труд и социјална политика, работи на целосно нова регулатива за безбедност и здравје при работа.

Министерот Донев нагласи дека Република Бугарија, во рамките на Европската унија, важи за држава која на добар начин го имплементира прашањето за безбедност и здравје при работа и понуди поддршка за нашата држава во овој сегмент.

На средбата се разговараше и за можноста за регулирање на миграцијата на работната сила меѓу двете земји, со што ќе се овозможи поголема слобода и гаранции за граѓаните на двете земји, но и за можноста за продлабочување на меѓусебната соработка.

Можете да прочитате

Неколку лица повикани на разговор во полициска станица во врска со инцидентот во Куманово

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за европски прашања и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС)

АА: Додека го напаѓа ВМРО ДПМНЕ, знаеме дека претседателот Арбен Таравари е на вистинскиот пат!