Активно работиме на подобрување на средното стручно образование, изјави заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани, на средбата со претставници од локалната самоуправа, средните стручни училишта и компаниите во општина Куманово.
„Наша цел е младите по завршување на училиштето да поседуваат вештини и знаења што ги бара пазарот на труд. Затоа низ социјален дијалог го усогласуваме повикот што ќе следи за запишување на ученици во средните стручни училишта. Лесно е ние, кабинетски, да го повториме ланскиот повик. Ова што го правиме, има навистина за цел, тој повик да произлезе од барањата на реалниот сектор“, рече Шабани.
Додаде дека компаниите не можат да обезбедат обучени млади луѓе кои веднаш по вработувањето можат да работат. И според него, ваквата состојба се продлабочува со секоја измината година.
Многу е важно, потенцираше тој, да јакне соработката помеѓу стручните училишта и компаниите на локално ниво, затоа што на тој начин како што рече, средните стручни училишта стануваат центри кои креирааат стручен кадар којшто е баран на пазарот на трудот, а компаниите места кадешто учениците може да очекуваат вработување.
„Направивме, анализа што ни даде јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата и каква е нивната усогласеност со потребите на компаниите. Анкетата на 450 компании од цела држава покажа дека 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар“, додаде заменик министерот.
Напомена дека министерството за образование и наука може да изготви современи наставни програми, но според него најважна е улогата на компаниите кои преку работа во реални услови на учениците ќе им овозможат да стекнат и знаење и да се запознаат со културата и работните навики на компанијата.