Утрински Весник
Македонија

Шабани во посета на училишта во Гостивар: Наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките

Шабани во посета на училишта во Гостивар: Наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките

Заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари денес беа во работна посета на две општински училишта со цел запознавање со актуелната состојба со реализација на наставата. Заменик-министерот Шабани посочи дека со воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува и во време на пандемија. Во училиштата кои ги исполнуваат здравствените протоколи се реализира настава со физичко присуство и таму доследно се почитуваат протоколите и мерките за заштита.

„Постојано расте опфатот на ученици кои следат настава на далечина и поголемиот дел од учениците ги следат часовите онлајн, без никакви потешкотии. Заеднички, во соработка со градоначалниците и директорите тековно ги надминуваме предизвиците кои ги создава здравствената криза“, рече Шабани.

И во вонредни услови процесот на организирано учење продолжува, а најголема заслуга за успешниот старт на учебната година имаат наставниците кои со сиот свој капацитет се заложија за непречено одвивање на воспитно – образовниот процес. Она што во моментов е посебно важно е да се почитуваат протоколите и мерките за заштита и да се следат алгоритмите.

„Одговорност на МОН, директорите и наставниците е да има безбедни услови за одвивање на наставата во училиштата. Однесувањето надвор од училиштата е одговорност на родителите и учениците“, одговори Шабани на новинарско прашање. Тој уште еднаш повтори дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е одлука на Владата. Исто така, апелираше за доследно почитување на мерките и одговорно однесување на сите.

„Мерките за заштита докажано функционираат но мора доследно да се почитуваат од сите. Од целокупното одговорно однесување ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата“, укажа заменик-министерот Шабани.

Според градоначалникот Таравари, работната посета била искористена за подетален увид во спроведувањето на воспитно-образовниот процес во Гостивар.

„Со заменик-министерот разговаравме за сите предизвици коишто ги имаме поврзано со одвивањето на наставата во нашата општина. Соработката со МОН се одвива на дневно ниво и во од се решаваат сите потреби“, рече Таравари.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Пенка Мукаетова именувана за нов потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

ЦУК преку СМС порака известува за кризната состојба прогласена за пожарите

Околу половина час се чека за влез во земјава на Табановце