Куманово, 27 јуни 2020 (МИА) – Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денеска оствари работна посета на СВР Куманово на која со припадниците на СВР разговарале за состојбата со криминалитетот на подрачјето на Секторот, за илегалната миграција. Министерот потенцираше дека ваквата миграција во овој период бележи зголемување и во однос на лани е зголемена за 15 проценти. Тој додаде дека главно разговарале околу организацијата на изборите, околу поставеноста на СВР во смисла на превенирање и санкционирање на сите видови изборни нерегуларности од видот поткуп, политичко агитирање, заплашување и вршење притисок врз избирачкото тело.
– Колегите ме информираа дека од одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе е постапено и утврдено е грубо кршење на рабтниот ред и дисциплина од страна на еден припадник од СВР Куманово којшто има склучено договор на определено време, пред заминувањето на министерот Оливер Спасовски, на начин на којшто делел пропаганден материјал за политичката партија СДСМ на штанд, со што грубо го прекршил работниот ред и дисциплина, изјави Чулев.
Тој најави дека наредната недела на ова лице, согласно константацијата од одделот за внатрешна контрола ќе му биде прекинат договорот на определено време. Министерот истакна дека има и втор случај во овој контекст, а бил информиран од колегите од СВР Куманово и од одделот за внатрешна контрола и се однесува на случај во април, кога потенцираше двајца раководители во СВР Куманово не постапиле во спречување на делење хуманитарна помош за политички цели.
– На некој начин поткуп и на барање на Основното Јавно Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, одделението за кривични дела извршени од страна на полициски службеници, побарано е од страна на МВР да достави дополнителни податоци врз основа на поднесена кривична пријава за наведените високи полициски службеници од СВР Куманово, изјави Чулев.
Тој додаде дека службениците наместо да ги спречуваат изборните нерегуларности, тие ги пречекориле овластувањата и не постапиле согласно полициските стандарди.
– Едноставно се ставиле во функција на партиски и политички цели. Како минстер за внатрешни работи, сега со колегите од СВР Куманово, меѓутоа и со колегите од целокупното МВР, разговарам , апелирам и инсистирам да ги преземат во нивните планови за дејствувања сите активности со цел спречување на какво било вид изборни нерегуларности, со акцент на поткуп на гласачкото тело,манипилурање, заплашување, заради тоа во наредниот период оделот за превенција од министерот за внатрешни работи ќе има превентивни активности во насока на информирање на граѓаните и предупредуавње да не презмеаат вакви кривично-правни дејствија- изјави Чулев.
Одговарајќи на новинарско прашање какви сознанија се добиени откако поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев бил повикан на распит, министерот Чулев истакна дека е постапено врз основа на стандарно полициско постапување.
– Врз основа на јавен повик од ОЈО, МВР постапи по тој повик, ОЈО го повика МВР и Управата за финансиска полиција да постапи врз основа на објавените видео снимки на кои што се гледа како поранешниот директор на Фонд за здравствено осигурување, зема парични средства. МВР постапи согласно стандардното полициско постапување, односно одделот за сузбивање за сериозен организиран криминал и го повика со цел добивање на дополнителни информации и податоци за објавениот видео материјал. Разговорот траеше отприлика околу 40 минути беше реализиран од инспектори од одделот за организиран криминал во полициска станица во населбата Карпош во Скопје и лицето Ден Дончев дојде во придружба на негов адвокат. По извршениот разгвовор лицето си замина од полициската станица во Карпош, а инспекторите од Одделот за организиран криминал во текот на денешниот ден ќе изготват службен материјал и истиот ќе го достават до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и потоа чекаме насоки за дејствување од ОЈО бидејќи тоа е надлежна институција за водење кривични истраги, изјави министерот.
Во однос на тоа дали е побарана мерка за обезбедување поради опасност од бегство, министерот рече дека е побарано претходно.
-Тоа е побарано уште претходно и ОЈО мислам дека треба да постапи по тоа, можеби веќе е постапено, немаме таква информација. Знаете дека во јавноста, ОЈО јавно го повика МВР и Управата за финансиска полиција да постапат. Ние со оглед дека беше јавен повик со писмена покана од страна на МВР е извршен разговорот, изјави министерот. ам/оџ/