Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – На територијата на целата држава на вкупно 651 лица им се издадени решенија за изолација, а 346 лица потпишале изјави за самоизолација. Извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација при што евидентирани се три лицa кои не ги почитувале овие мерки, а во државен карантин се спроведени вкупно 170 лица, објави денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
– Полициските службеници се во првите редови во справување со пандемијата од КОВИД-19 и тие во континуитет преземаат мерки за контрола на почитување на одлуките на Владата. Во таа насока, од страна на полициските службеници досега констатирани се вкупно 20327 прекршоци за неносење лична заштита на лицето од кои 618 прекршоци во изминатото деноноќие, напиша на својот Фејсбук профил Чулев.
Тој посочува дека во координација со Државниот пазарен инспекторат во текот на изминатото деноноќи извршени се 187 контроли во објекти при што не се евидентирани објекти кои не ги почитувале одлуките на владата.
Чулев, исто така, апелира до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и сите заеднички да придонесеме што побрзо животот да биде вратен во нормала. аа/дма/