Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во врска со објавата на словенечкиот портал „Нецезурирано“ дека медиуми во државава и во Словенија се финансираат со пари на компании блиски на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, денеска истакна дека засега немаат отворено предистражна постапка на овој план.
– Ќе разговарам со колегите од соодветните надлежни организациски единици во МВР и доколку има согледувања дека има потреба да се отвори во таа насока ќе ве информираме, рече Чулев одговарајќи на новинарско прашање.
Словенечката полиција претходно потврди дека Националното биро за истраги води предистражна постапка за начинот на кој се финансираат одредени медиуми во земјата. Како што објави Телевизија Словенија, се работи за медиуми за кои се сметаат за блиски на Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша, која имала блиска соработка со Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, последните истраги на словенечките власти доаѓаат по анализата која беше вчера објавена на порталот Нецензурирано. Според порталот, најмалку четири милиони евра, компании блиски до Орбан дале за финансирање на медиумско-политичко-разузнавачка операција во Словенија и Северна Македонија. Новинарте на Нецензурирано пишуваат дека за овие тврдења имаат документи, кои меѓу другото давале и делумен увид во ширењето на унгарското влијание на Балканот.
Според порталот од две унгарски и една англиска компанија кои биле блиски на партијата Фидес, пари „легнале” на сметка на словенечка компанија, па од таму еден и пол милиони евра биле искористени финансирани за медиуми блиски до Јанез Јанша, а два и пол милиони евра биле дадени четири медиуми во Северна Македонија. Според графиконот на порталот парите во земјава ги добиле Курир, Нетпрес, Алфа и Лидер. рп/ац/