Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев во рамки на денешните работни обврски ги посети одделенијата за внатрешни работи во Кичево и Гостивар. Во рамки на посетата оствари работни средби со раководството на двете организациски единици. Во фокусот на двете средби беше организација на парламентарните избори и мерките и активности кои се преземаат за справување со криминалот и активностите кои се преземаат за спречување на понатамошно ширење на коронавирусот.
На територијата на ОВР Кичево во првото полугодие не се евидентирани посериозни кривични настани, а како факт кој беше потенциран е успехот на оваа организациска единица во делот на санкционирање на сторителите на недозволена сеча на шуми што е дел од оперативната акција „Гора“, за што говори и фактот дека во изминатиот период е поднесена кривична пријава против раководителот на подрачната единица на Македонски Шуми во Гостивар.
На територијата на ОВР Гостивар во однос на пандемијата од Ковид-19, во овој момент има 8 кластери и истите се под контрола, полициските службеници секојдневно преземаат мерки за контрола на лицата во изолација и самоизолација со цел спречување на понатамошно ширење на вирусот. Од страна на раководството на двете одделенија за внатрешни работи беше нагласена подговеноста за спроведување на парламентарните избори за кои се очекува да поминат во најдобар ред. Министерот Чулев потенцираше дека професионалното постапување на полициските службеници не треба да биде предмет на компромис кога е во прашање политиката, затоа што крајна цел на Министерството за внатрешни работи е организирање на фер, демократски и безбедни избори и оваа цел може да се постигне само со професионално и одговорно постапување.
Текстот Чулев во посета на полицијата во Кичево и Гостивар: Приоритет е да се организираат демократски и безбедни избори е превземен од МАКФАКС.