Утрински Весник
Свет

Чешка ќе бара Русија да плати отштета за експлозијата во магацинот за оружје

Чешка ќе бара Русија да плати отштета за експлозијата во магацинот за оружје

Долниот дом на чешкиот парламент усвои документ со кој се повикува владата да побара обештетување од Русија за експлозијата од 2014 година, во складиштето за муниција во чешкото село Врбетице, објави денеска чешкиот весник „Днес“.

Пратениците исто така ја повикуваат владата да го намали бројот на руски дипломати во Чешка и ја поддржаа одлуката на владата да протера 18 вработени од руската амбасада, кои ја напуштија Прага во понеделникот, пренесува руската новинска агенција ТАСС.

Долниот дом на чешкиот парламент исто така ги повика министрите да се спротивстават на акциите што му штетат на суверенитетот на Чешката Република.

Според документот, на руските компании не смее да им се дозволи да учествуваат во стратешки важни инфраструктурни проекти на територијата на Чешка, како што е изградбата на нуклеарни централи.

Претходно, чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави дека Министерството за финансии подготвува тужба за отштета против оние кои стојат зад експлозијата во складиштето за муниција во селото Врбетице.

„Нанесена е огромна штета. Министерството за финансии подготвува тужба со барање за обештетување“, најави Бабиш.

Бабиш во саботата вечерта (17 април) соопшти дека руската воена тајна служба ГРУ била одговорна за двете големи експлозии во магацинот со оружје во јужна Чешка, при што загинаа две лица.

Во чешката јавност се погласни се обвинувањата за „руски државен тероризам“ и земјата е исправена пред промена на својата досегашна надворешна политика кон Русија.

Можете да прочитате

Поранешниот шеф на МИ6, сер Алекс Јангер, тврди дека Путин „се преигра“ со Трамп

МО на Велика Британија: Руските загуби во војната надинуваат еден милион лица

Стејт департментот отпушта 1.300 вработени