Утрински Весник
Свет

Чешка ги префрла тешко болните од Ковид-19 на лекување во странство

Расте бројот на нови инфекции и смртни случаи во Чешка

Чешка го транспортираше првиот пациент со сериозни симптоми на Ковид-19 на лекување во Полска, откако минатата недела побара од земјите на ЕУ кои се помалку погодени од пандемијата да помогнат бидејќи нејзиниот здравствен систем е пред колапс, со само 14 проценти слободни места на интензивна нега.

Една постара жена со тешки симптоми денес е пренесена во болница во јужна Полска, а Германија и Швајцарија исто така ветија дека ќе и помогнат на Чешка со прифаќање на нејзините пациенти, бидејќи чешкиот здравствен систем е преоптоварен со рекордни 1.789 ковид-пациенти на интензивна нега или респиратори и 8.488 хоспитализирани.

Во понеделникот, како резултат на првите десет дена на строго заклучување кога Чесите беа затворени во областите каде што живеат, дневниот пораст на новозаразени се намали на 10.466, за околу 1.700 во споредба со понеделникот минатата недела, а во моментов се активни 163.034 случаи.

Од почетокот на пандемијата, 1,33 милиони луѓе се заразени со коронавирусот во Чешка, од кои 22.147 починале, а Чешка, заедно со Словачка, е една од европските земји со најголем број жртви на пандемијата на милион жители.

Досега 862.670 лица од 10,7 милиони жители во Чешка се вакцинирани со три западни вакцини регистрирани од Европската агенција за лекови, а министерот за здравство Јан Блатни смета дека кога пошироко ќе се вклучат во вакцинацијата, лекарите ќе можат да го забрзаат темпото од сегашните речиси 30.000 употребени дози на 100.000 на ден.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници