Утрински Весник
Македонија

Чевларството пасија за делчевецот Дејан Димитровски

Чевларството пасија за делчевецот Дејан Димитровски

Делчево, 21 април 2020 (МИА) – Не постои човек во Делчево што не слушнал за чевларската работилница на Дендо Легендо, а уште повеќе што не слушнал за Дејан Димитровски, кој е еден од ретките делчевци што веќе 20 години се занимава со овој занает, кој е реткост во Пијанец и поширокиот регион. Поправа сè од обувки, изработува и репарира ремени, популарните војнички „опасачи“, футроли за пушки и со своите вешти раце и умешност поправа работи за кои човек мисли дека не се поправаат, но всушност, како што вели Димитровски, нема нешто што не се поправа, доволно е само да се има желба, а начин за поправка ќе се најде. Познатиот Дендо за својата работа вели дека не е тешка, но посочи дека има многу работи што се важни за обувките да може долго време да бидат употребливи.
– Сè започна пред 20 години, кога првпат почнав да се занимавам со поправка на обувки. Почетоците не беа тешки бидејки луѓето имаа потреба од поправка на обувките и така од ден на ден ја усовршив работата, која е една од ретките што бара посебен третман за одредени обувки. Луѓето обично беа задоволни бидејќи навремено ги завршував поправките. Токму тоа е она што и најмногу го бараат клиентите – точноста и можноста своите омилени парчиња обувки да се поправат доколку има можност за тоа, а можност за поправка има речиси за секоја работа, било да се работи за обувки, ремени и други работи. Ми се случувало да поправам наизглед доста стари обувки, кои на прв поглед изгледаат во многу лоша состојба, но откако ќе успеам да ги доведам речиси во совршена состојба на нивните сопственици просто не им се верува. Но затоа, пак, задоволни ја напуштаат мојата работилница и повторно се враќаат со некое ново парче омилени обувки, вели легендата на делчевското чевларство Дејан Димитровски.
Работејќи подолго време во домашни услови, Димитровски својата работилница пред неколку години ја премести во дуќан во централното градско подрачје, со цел поголема пристапност до граѓаните што имаат потреба од поправка на сите видови обувки. Но, Делчево, како што вели, е мал град и ако некој има потреба од твојата услуга, ќе те најде, и затоа сега е повторно на старото место, во гаражата во неговиот дом.
– Согледувајќи ја потребата на граѓаните да можат поблиску да ги добијат моите услуги, решив тоа да им ги овозможам со тоа што мојот дуќан беше сместен во централното градско подрачје. Бев достапен и за клиентите од поширокото опкружување. Но луѓето продолжија да доаѓаат и на старото место, со што одлучив по две години пак да се вратам онаму каде што всушност се чувствувам и најкомотно. Тука се отвори можноста да продолжам да ја усовршувам мојата работа во поправката на обувки, изработка на ремени, опасачи, футроли за пушки, реденици што ги користат ловџиите, впрочем сето она што може да се поправи, а како што кажав претходно, нема нешто што не се поправа, рече Димитровски.
Негови планови во иднина се занаетот да го прошири и во делот на продажбата на квалитетни, но обувки што граѓаните на Делчево и поширокиот регион ќе можат да ги добијат по мошне пристапни цени.
– И тоа е дел од мојот план. Сè во свое време, се разбира. Во текот на мојата работа забележав дека муштериите, освен што бараат поправка на своите работи, бараат и да купат нешто и совет во врска со тоа што ќе го купат да биде квалитетно, така што имајќи многу пријатели и познаници што се занимаваат со продажба на обувки сметам дека тоа можам да им го доближам на нашите сограѓани и оние што од поширокиот регион доаѓаат кај мене, така што, како што кажав, сè во свое време ќе се случи и граѓаните навреме ќе бидат запознаени во врска со тоа, истакна Димитровски.
Освен во чевларството, популарниот Дендо исто така е еден од ретките што има искуство и во спортот. Тој е поранешен голман на фудбалскиот клуб „Брегалница“ Делчево, а кога сме кај спортот, но во оној дел наменет за обложувачите, тој исто така е еден од ретките што со уплата од 20 денари успеа да погоди тикет чија добивка без данок на додадена вредност изнесуваше 600.000 денари.
– Пред извесен период уплатив ливче со повеќе натпревари во игра на голови и на сума од 20 денари успеав да погодам тикет вреден 600.000 денари. Првичната добивка беше двојно поголема од оваа сума, но имајќи предвид дека обложувалницата во која го уплатив ливчето исплаќа максимум 600.000 денари по тикет толку беше и вредноста на добивката. Без многу математики уплатив и добив и тоа е тоа. За добивката велам дека сè што е твое еден ден ќе си дојде и ете јас имав среќа да ме „погоди“ што се вели, рече популарниот Дендо.
Димитровски ја продолжува својата работа во чевларскиот занает чија работилница како што кажа самиот е сместена во неговиот дом. Нејзините врати се отворени за сите оние кои сакаат своето омилено парче обувки повторно да го видат во неговиот препознатлив сјај.
Валери Спасевски

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Мицкоски: Не сум импресиониран од ова раководство на СДСМ

Мицкоски не бил импресоиниран од новото раководство на СДСМ

Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок, вели премиерот