Министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу, денеска изјави дека неговиот грчки колега негирал оти се согласил со предлогот на НАТО за безусловна средба поради тензиите во Источниот Медитеран, пренесува „Анадолија“.
„Треба да се посочи дека Грција излажа за генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Атина прво се согласи, а потоа рече дека не го сторила тоа. Всушност, Грција е таа што лаже, а не генералнуот секретар“, нагласи Чавушоглу.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во четвртокот најави дека Турција и Грција се согласиле на технички преговори во НАТО за да го намалат ризикот од инциденти и несреќи во Источниот Медитеран.
„Грција уште еднаш покажа дека не е за дијалог“, рече Чавушоглу, посочувајќи дека неговиот грчки колега не го прифатил предлогот за средба без предуслови во врска со тензиите.
Тој исто така ја критикуваше Франција како земја која најмногу ја поттикнува Грција и побара да се стави крај на француските „хистерични дела“ поради кои земјата е предмет на потсмев.
Грција се противи на актуелно енергетско истражување на Турција во Источен Медитеран, обидувајќи се да ја оспори поморската турска територија врз основа на мали острови во близина на турскиот брег.
Турција – земјата со најдолго крајбрежје на Средоземното Море – испрати истражувачки бродови на својот континентален гребен, велејќи дека Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) имаат права во регионот.
Дијалогот за правично споделување на овие ресурси ќе биде добитен за сите страни, велат турските власти.