Утрински Весник
Свет

Чавушоглу во Косово: Турција го поддржува евроатлантскиот пат на Приштина

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави во Приштина дека неговата земја го поддржува евроатлантскиот пат на Косово и интеграцијата во меѓународните институции.

На заедничката конференција со косовскиот министер за надворешни работи и дијаспора, Доник Гервал, тој рече дека Турција, исто така, го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Косово.

„Со г-ѓа Доника разговаравме за натамошниот развој на нашите билатерални врски. Разговаравме и за регионалниот развој и нивното влијание врз Косово и Турција“, рече тој.

Нагласи дека Турција го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија и дека договор треба да се постигне преку дипломатски канали.

„Дијалогот е неопходен за да се постигне стабилност во регионот“, рече Чавушоглу.

Турскиот министер за надворешни работи додаде дека постоењето на организацијата ФЕТО, која Турција ја смета за терористичка во Косово е најголемата пречка во односите меѓу Турција и Косово.

„Стратегијата што оваа организација ја направи кај нас се спроведува и во Косово. Се обидуваат да ги трујат младите и да инвестираат во медиумите, а од друга страна се обидуваат да се инфилтрираат во институциите. Тоа за нас е вознемирувачко, бидејќи знаеме дека се опасни за иднината“, рече Чавушоглу.

Турскиот министер за надворешни работи на одвоени средби беше примен од косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.

Можете да прочитате

ОН: Откритијата во досиејата на Епстин може да претставуваат злосторства против човештвото

ЕП ја оневозможи вештачката интелигенција на таблетите на пратениците поради безбедност

ЕУ нема да биде членка на Одборот за мир на Трамп