Утрински Весник
Свет

Црногорските трговци бараат да се работи во недела

Црногорските трговци бараат да се работи во недела

Одборот на трговското здружение на Стопанската комора на Црна Гора побара на трговците да им се дозволи да работат во недела, пренесува Investitor.me.

Стопанската комора на Црна Гора изјави дека трговците побарале од ресорното министерство да го укине членот на Законот за внатрешна трговија, кој се однесува на неработната недела.

Тие тоа го побараа со цел да се зачуваат работните места, да се зголеми прометот, стопанската активност, економскиот раст, да се санираат последиците од економската криза и да се подготват за туристичката сезона.

Трговците бараат Уставниот суд да донесе одлука за иницијативата за процена на утврдување на членот од законот што се однесува на неработната недела, што ја поднесоа пред повеќе од 18 месеци.

Доколку нема подготвеност од државните органи да го укинат тој член, трговците предложија да може да се работи 26 недели годишно, за време на летната и зимската туристичка сезона, околу новогодишните празници и одморите.

Алтернативно, велат тие, потребно е да им се овозможи на економските субјекти од трговскиот сектор да работат во недела во една смена на ниво на цела година или барем во текот на летната сезона.

Одборот минатата година го усвои Извештајот за работа и информации за работењето на трговскиот сектор, во кој се наведува дека остварениот промет во трговијата на мало по тековни цени е помал за 16,8 проценти во споредба со 2019 година.

Тие исто така наведуваат дека трговскиот сектор бележи значителен пад на бројот на вработени и дека во 2020 година имало околу 5.000 работници помалку, што е пад од 12,3 проценти во споредба со 2019 година кога во секторот биле вработени во просек 39.834 работници.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Во Пакистан во експлозија загинаа двајца кинески инженери кои работеа на електрана

На хрватска граница запрена пратка со краставици од Србија – еве што содржела

Израелски напад во близина на Рафа – најмалку осум луѓе загинаа