Утрински Весник
Свет

Црна Гора повторно прогласи епидемија на целата територија

Црна Гора повторно прогласи епидемија на целата територија

Црногорскиот кризен центар за инфективни болести донесе одлука повторно да прогласи епидемија на новиот коронавирус во целата земја и да воведе задолжително носење маски на отворено и во затворено, освен на плажи и во националните паркови.

До синоќа епидемијата во Црна Гора беше прогласена во пет општини на северот на земјата.Во вториот бран на епидемијата на коронавирус во Црна Гора, вкупно 2.045 луѓе се разболеле, а 26 починале. Статистички гледано, бројот на заболени во Црна Гора на 100 000 жители е 305, а според тој параметар, таа земја е на врвот на листата на земји во регионот.

Поради ваквата епидемиолошка состојба, црногорскиот институт за јавно здравје и предложи на црногорската влада да прогласи „состојба на епидемија на заразна болест“ низ целата земја и заштитна мерка за задолжително носење заштитни маски.

„Носењето заштитни маски од полноќ е задолжително низ цела Црна Гора, вклучително и за деца на возраст над седум години, освен на плажи и во национални паркови, држење на физичко растојание и претходно пропишани мерки. Собирањето е исто така ограничено на максимум 40 лица на отворени јавни места, а на 20 лица во затворено“, соопшти црногорската влада.

Мерките за забрана за работа на ноќни и диско клубови и организирање на свадби, дипломски, роденден и други приватни прослави се продолжени до 6 август. Претходно, работата на угостителските објекти во централниот, најнаселен дел од земјата беше ограничена до 22 часот, додека на приморјето работното време на кафулињата и рестораните е до полноќ.

Во пет општини на северот, каде претходно беше прогласена епидемија на коронавирус, продолжена е мерката за целосна забрана за работа на угостителските активности.

Вториот бран на инфекција во Црна Гора започна на 14 јуни, а оттогаш бројот на заразени трипати се зголеми во однос на првиот бран, кога 324 лица се заразиле со коронавирус во Црна Гора за два и пол месеци.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме