Скопје, 24 март 2020 (МИА) – Црвен крст на град Скопје соопшти дека со финансиска поддршка од Државна Лотарија од денеска ќе врши дистрибуција на хигиенски средства за само-заштита за себе и домот за ранливите категории на немоќни лица од најзагрозената категорија граѓани од трето доба.
Преку активностите, како што се посочува, ќе бидат опфатени лица од најранливата група граѓани, на возраст над 60 години од територијата на град Скопје, но и други градови каде Црвен крст работи директно со немоќните и повозрасни лица.
Донацијата од Државна лотарија е во висина од 700.000 денари со што се набавени и подготвени сетови на хигиенски средства како: гел за дезинфекција на раце; средство за дезинфицирање на домот; антибактериски влажни марамчиња…, како и маски и ракавици за превенција. Исто така, изработен е и се дистрибуира едукативен леток за заштита од КОВИД-19 (коронавирус), што ќе се дели со сетовите, но и на терен меѓу најзагрозените категории граѓани коишто немаат пристап до интернет и редовно информирање, стои во соопштението.
Акцијата, како што се истакнува, е уште една во редот акции на Црвен крст поддржани од Државна лотарија, а овој пат целта на заедничката соработка е да се помогне на најранливите категории граѓани односно лицата во трето доба кои се високо ризична категорија на граѓани.
Од Црвен крст на град Скопје информираат дека со оваа активност ќе бидат опфатени повеќе од 2.000 лица на територија на градот Скопје и други градови, согласно приоритетите на нивната листа. рп/дма/