Утрински Весник
Македонија

Царовска: Натпреварите по претприемништво ги поттикнуваат учениците да ги преточуваат знаењата во идеја и акција

Царовска: Натпреварите по претприемништво ги поттикнуваат учениците да ги преточуваат знаењата во идеја и акција

Развојот на претприемачките вештини кај младите луѓе е и ќе продолжи да биде еден од приоритетите на образовните политики кои ги креираме во моментов и кои ќе се имплементираат во периодот пред нас. Со новата концепција за основно образование која е неодамна усвоена, за прв пат се воспоставуваат 8 национални стандарди со кои се определуваат компетенциите што треба да ги стекнат учениците во текот на основното образование, меѓу кои, еден од стандардите е токму претприемништвото. Што значи, учениците ќе треба да поседуваат одредени познавања и вештини од областа на претприемништвото во моментот кога ќе излезат од деветтолетката.

Ова го истакна министерката за образование и наука на денешниот завршен настан за прогласување на победниците во рамки на Кампот на иновации – ученички натпревар по претприемачки вештини кој веќе неколку години го организира Џуниор Ачивмент организацијата.

„ Интенцијата е да создадеме што повеќе ученици, како учениците кои се денес присутни овде на овој натпревар и кои покажуваат исклучително голем интерес кон претприемништвото, препознавајќи ја моќта на претприемничките вештини за личен успех и просперитет“, рече Царовска, додавајќи дека се работи за вештини кои се препознатливи и многу вреднувани на пазарот на трудот.

„ Денес преку 100тина ученици се во исчекување да го слушнат своето име меѓу победниците на овој виртуелен натпревар. Јас ќе речам дека сите сте вие победници, со самото тоа што сте изразиле желба да го покажете своето знаење и сте се пријавиле да учествувате на ова големо натпреварување. Вие сте пример кој како институционални раководители многу го цениме, затоа што во вас ја гледаме иднината на државата и токму затоа работиме во насока да изградиме што повеќе вакви деца и што повеќе вакви примери за луѓе кои во раната младост, уште во тинејџерските денови го стекнале она што е неопходно за да се успее по формализација на процесот на образование“, рече Царовска, посакувајќи им успех на сите учесници на натпреварот и советувајќи ги стекнатото знаење да продолжат да го надградуваат, но и да го преточат во идеја и акција.

Министерката изрази благодарност до менаџментот на Џуниор Ачивмент што со организирањето на овој натпревар, даваат придонес кон развојот на претприемничкото образование во земјата и како што рече, очекува и во следните години организацијата да продолжи да учествува во подготовката на младите и развојот на нивните претприемачки вештини.

На прогласувањето на победниците на натпреварот, кој поради пандемијата оваа година се одржа по виртуелен пат, се обратија и Љупка Панчевска, директорка на Џуниор Ачивмент во Северна Македонија, амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мари Брнз и Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри

Александар Димитријевиќ нов генерален секретар на СДСМ, еве кои се потпретседатели

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата