Утрински Весник
Македонија

Царовска и Шекеринска на средба со наградените информатичари на олимпијадите во Грузија и Сингапур

Царовска и Шекеринска на средба со наградените информатичари на олимпијадите во Грузија и Сингапур

Министерките за образование и наука Мила Царовска и за одбрана Радмила Шекеринска се сретнаа со учениците кои постигнаа големи успеси на двете врвни интернационални олимпијади по информатика, во Грузија и Сингапур и поразговараа за предизвиците коишто ги имаат во наставата како и за начинот на којшто се подготвуваат за натпреварувањата.

На Интернационалната олимпијада по информатика во Сингапур учествуваа Благојче Павлески, Андреј Величковски, Андреј Шекеров и Тео Китановски, а тимот што учествуваше на Европската јуниорска олимпијaда по информатика во Грузија го сочинуваа Сара Стефановска, Атина Рувинова, Јан Стојановски и Иван Јованоски.

Министерката Царовска рече дека промовирањето на постигнувањата на учениците е поттик младите да се натпреваруваат со врсниците од светот и да постигнуваат што подобри резултати.

„Секој медал доаѓа како резултат на многу учење, посветеност и желба постојано да се открива нешто ново во областа во која истражувате. Информатиката е испреплетена во сите сфери на современиот живот и затоа вашите резултати се уште позначајни. Продолжете истрајно да учите и да бидете наша гордост, а ние како Министерство за образование и наука и како Влада ќе бидеме ваша поддршка и ќе го поттикнуваме зголемувањето на интересот за стекнување повисоки знаења“, укажа Царовска.

Охрабрувајќи ги сите ученици да вложуваат во себе и во своето знаење, министерката за одбрана Шекеринска изјави дека од почетокот на 2021 година Министерство за одбрана ќе започне со стипендирање на млади коишто студираат и се образуваат за т.н. критични специјалности за Армијата.

„Тоа се области кои и се потребни на Армијата и на нашата одбрана, а ги немаме доволно. Такви се областите информатика, електротехника, сајбер-одбрана, области во коишто ни треба специјализирано знаење, но ќе ни треба и дополнителна наобразба. Стипендијата ќе ги опфати сите години на факултетот, со единствен услов кандидатите да преземат обврска по дипломирањето да работат во полза на нашата одбрана и нашата Армија“, рече министерката Шекеринска.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски