Министерството за образование и наука има законска обврска да ја организира матурата за учениците коишто планираат да го продолжат образованието, а е услов за запишување на факултетите во државата и во странство. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на состанокот со директорите на средните училишта на онлајн состанокот што се одржа денес.
Според податоците на училиштата, полагање нматура имаат пријавено над 14.000 матуранти, а испитите ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година.
Mатурата е право на избор и на учениците кои избраа да полагаат и ги пријавија испитите ќе им биде овозможено да полагаат. На состанокот беше посочено дека уште во текот на првото полугодие, целосно почитувајќи го демократското право на изразување на учениците, од страна на МОН биле прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети.
Државниот испитен центар, МОН и средношколците заеднички ќе работат на целосно нова концепција за полагање на државна матура која ќе се применува од идната учебна година, за што во тек е формирање на работна груба во која ќе бидат вклучени и средношколците.
Средното образование е задолжително, државната матура е избор и е потребна на учениците коишто планираат да го продолжат образованието на факултетите. Во концептот за матура предвидена е и училишна матура, која е избор на учениците што нема да полагаат државна матура. Таа опфаќа избор само на два предмета (задолжителен и изборен) и проектна задача. Исто така, матурантите од средните стручни училишта имаат можност да изберат и завршен испит, со истиот концепт од два предмета, задолжителен и изборен и проектна задача.
Министерството за образование апелира до матурантите и средношколците да продолжат со наставата по веќе воспоставниот комбиниран модел, затоа што тоа е во најдобар интерес на сите ученици, но во интерес на заштитата на јавното здравје.