Утре официјално започнува новата учебна година, 600 училишта ќе одржуваат настава со физичко присуство, за останатите достапно учење на далечина, истакна на прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска.
Таа потенцираше дека оваа година ќе биде многу поразлична од другите бидејќи, како што рече, пандемијата предзвика тектонски промени во нашите животи, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација. Изрази благодарност до сите што помогнаа во организацијата за успешен старт и очекува соработката да продолжи и во периодот што следи.
Осврнувајќи се на Националната платформа, министерката рече дека вчерашниот тест на Тимс системот се покажал успешен и учениците ќе почнат да ја следат наставата согласно планот. Часовите ќе се одвиваат онлајн онака како што е планирано, додека продолжува оптимизацијата на останатите модули од самата платформа кои сé уште не се активни.
„Со задоволство можам да кажам дека ја завршивме успешно обуката на наставниците за користење на платформата. 1.600 наставници ги поминаа обуките од мастер тренерите и станаа училишни обучувачи. Тие понатаму ги обучуваа наставниците во сите училишта во државата. Најважно е што во секое училиште имаме училишни обучувачи кои вештините за работење на платформата ги пренесуваат на нивните колеги и ќе бидат нивна поддршка“, нагласи Царовска, додавајќи дека колегите од ФИНКИ во текот на целата учебна година ќе бидат на располагање за наставниците, родителите и учениците, а со цел навремено надминување на евентуални предизвици од техничка природа.
Царовска се осврна и на, како што рече, едно од најгорливите прашања изминатите денови, а тоа е како децата кои немаат компјутери ќе ги следат предавањата, потенцирајќи дека на ниедно дете правото на образование нема да му биде ускратено.
„Сите деца кои немаат опрема, компјутери или од било кои причини не можат да следат настава онлајн, можат истата да ја следат од училница. Доколку пак не можат или родителите одлучиле да не одат во училница за сите ќе биде обезбеден потребниот печатен материјал за да учат дома. Овие ученици ќе бидат во постојана комуникација со наставниците, а сите предавања ќе може да ги следат и на телевизија како снимени часови“, рече министерката, додавајќи дека можеби ова не е најидеалното решение, но сепак овозможува опфат на сите ученици за редовно следење на наставата. Информираше и дека во околу 600 основни и средни училишта е дозволено да се организира настава со физичко присуство, од вкупно пристигнати 864 барања од страна на основачите“, рече Царовска.
Посакувајќи им успех на сите ученици и наставници, Царовска апелираше сите да бидат трпеливи, истрајни и почитувајќи ги мерките за заштита од Ковид 19, како што рече, заеднички да придонесеме за успешен старт и заокружување на новата учебна година.
На прес конференцијата се обрати и заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани, кој рече дека пандемијата само го забрза процесот на модернизација на националниот образовен систем, во кој, прв чекор е дигиталната транзиција преку изработката на Националната платформа за далечинско учење. Шабани рече дека предизвици секако ќе има во новата учебна година, бидејќи се соочуваме со целосно нова состојба, но ќе се надминуваат тековно, за што, како што рече очекува соработка и разбирање од наставниците, учениците и родителите.
Во името на работниот тим задолжен за развој и имплементација на Националната платформа за учење на далечина, се обрати Александра Наќева Ружин која нагласи дека конципирањето и развојот на решение бил исклучително динамичен и комплексен процес, кој се спроведува во крајно лимитирани временски услови.
„Да се дизајнира и развие онлајн решение кое ќе биде функционално и стабилно, и имплементирано на унифициран начин од страна на 26.000 наставници при одржување настава на над 250.000 ученици,и тоа на различни наставни јазици, е исклучително комплексна задача, и неверојатно амбициозна земајќи ги во предвид кусите временски рокови. Но, со јасна цел, безпрекорен план, и пред се, одличен тим, за безмалку еден месец успеавме да развиеме и подготвиме за имплементација интегрирано решение за онлајн образование во сите, над 1.000 јавни основни и средни училишта, на територија на целата држава. Платформата ги зближи академијата и јавниот сектор, и е резултат на егземпларна соработка помеѓу Министерството за образование и наука и ФИНКИ, која треба да се развива и негува и понатаму“, рече Наќева Ружин.
Продеканот на ФИНКИ проф. д-р Боро Јакимовски рече дека факултетот ја презеде одговорноста да ја подготви платформата, при што за неполн месец ја постави инфраструктурата којашто е основата за развој на платформата.
„Платформата тековно има околу 270 илјaди корисници, на истата се креирани околу 150 илјади предмети и тековно до сега се имаат најавено околу 160 илјади корисници. Корисничките лозинки беа искреирани и дистрибуирани како за наставниците така и за учениците. Мајкрософт Тимс е делот којшто поактивно ќе се користи во претстојниот период со цел да се одржат онлајн предавањата, а платформата ќе ја ставиме на располагање преку која ќе бидат достапни материјалите како и тестовите и други содржини во електронска форма“, рече Јакимовски.