Утрински Весник
Економија

Царината одбележа 28 години самостојност – Лани остварени 1,5 милијарди евра царински приходи

Царината одбележа 28 години самостојност – Лани остварени 1,5 милијарди евра царински приходи

Скопје, 14 април 2020 (МИА) – Царината во текот на минатата година остварила приход од 1,5 милијади евра. По основ на наплата на царина остварен е приход од 97,72 милиони евра, 894 милиони од ДДВ, 488 милиони евра акцизни давачки и 12,8 милиони евра од други надоместоци. Ова го истакнува директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски во видео обраќање по повод 28 години самостојност.

Поради кризата од коронавирусот директорот Танасоски на царинските службеници, соработниците, учесниците во царинските постапки, како и на сите граѓани им упати видео порака.

Според Танасоски едно од најголемите достигнувања на Царинската управа во 2019 година е дигитализацијата на царинското работење преку создавање услови за бесхартиено царинско работење со воведувањето на новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи СОЦДАД, што почна да се применува од 1-ви јуни.  Значаен успех е и тоа што Царинската управа на Република Северна Македонија е избрана за претседавач на Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА за 2020 година што има големо влијание во олеснувањето на националната и прекуграничната трговија.

Во обраќањето наведе дека една од позначајните придобивки за општеството  во текот на минатата година беше воведувањето на „One stop shop“ на граничниот премин Табановце. Во текот на минатата година се работеше на промоција на Овластен економски оператор (ОЕО), бенефит за компаниите кој резултираше 11 компании да се стекнат со статус на ОЕО. Изминатата година се воведе новиот Закон за акцизи целосно усогласен со акцизното законодавство на Европската Унија, како и посебниот закон за оданочување на  моторни возила – прв закон со еколошка компонента, со крајна цел обновување на возниот парк во државата, а со тоа и намалување на загадувањето.

Со видео порака и честитки за успешното работење на Царинската управа се обратија и министерката за финансии Нина Ангеловска и секретарот на Светска царинска организација Кунио Микурија.

– Електронското доставување декларации и акцизни документи е едно од најзначајните достигнувања на Царинската управа во последната година, вели Ангеловска.

Микурија честитјаќи го денот на царината порача: „Сите вие грижете се за вашето здравје и безбедност и продолжете да придонесувате за подобро општество и подобар свет“.

На царинските службеници кои одбележуваат 10, 20 и 30 години од своето работење, им се доделени Благодарници во знак на признание за нивната посветеност при вршењето на должноста на царинскиот службеник и поддршка на општеството,  заштитата на граѓаните и економијата и поддршката на сите гранични служби.

Царинската управа, како што наведуваат оттаму, ќе продолжи да работи на исполнувањето на глобалните императиви за справување со економските, еколошките, здравствените и социјалните предизвици, со истовремено зголемување на постоечките напори за поефикасно справување со сите постапки во наша надлежност.

Информираат дека преку хуманитарна акција на вработените во Царинската управа, во соработка со Црвниот крст на Република Северна Македонија доделени се 50 пакети со прехранбени продукти за најпогодените граѓани во оваа ситуација – старите и изнемоштени лица.скс/дма/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Димитров: За 14 % е намален бројот на вработени во текстилниот сектор, најголем пад во изминатите 15 години

Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за земјава за 2025-2030 година 

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година